Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ 5 на денешниот митинг во рамките на претседателската и парламентaрната кампања во Струга потенцираше дека сите заедно треба да се обединат за идејата за економски развиена држава, за држава со добра инфраструктура, добро образование и добро здравство.
-Сакам да ви порачам една работа која што треба сите да ја сфатиме во периодот што доаѓа, дали сакаме да живееме во подобра држава? Дали имаме раст и развој? Дали сакаме да имаме подобра економија? Дали сакаме нашите деца да останат тука? Ако го посакуваме тоа да се обединиме околу идејата за Македонија развиена држава, околу идејата за Македонија за добра инфраструктура, околу идејата за подобро образование и здравство, зошто и на моите браќа Македонци муслимани од околината и на Албанците што живеат тука и на сите стружани, охриѓани, кичевчани па и на тие и од Битола и од Ресен и од цела Македонија им е потребна добра инфраструктура и поголем економски развој и подобро здравство. Затоа да се обединиме околу ВМРО-ДПМНЕ, околу коалицијата „Твоја Македонија“ и да донесеме огромна победа предводена од ВМРО-ДПМНЕ, рече Сајкоски.
Тој во текот на своето обраќање побара за 12 дена по изборите да се донесе влада како во 90-тите години кога граѓаните излегоа на референдум за самостојна Македонија.
-Да донесеме влада онаква каква што очекувавме во 90-тите години кога излеговме на референдум за самостојна Македонија и на следните избори за 12 дена излезете референдумски, излезете со идеја со онаква каква што излегувавме во 90-тите години, кажа Сајкоски.
На крај Сајкоски порача: -Излезете сите и оние кои не излегле првиот пат од разни причини. Да се обединиме за заедничка Македонија, за твоја, за наша Македонија, за развиена Македонија, за Македонија која ќе ги врати нашите деца однадвор, но и ќе ги задржи они кои сакаат да си одат од нашата држава. Сите обединете за голема победа на 8 мај, за победа на Македонија, за победа на ВМРО-ДПМНЕ.