Мириса на промени, бранот започна и нема запирање. Она што го говорев кога дојдов тука пред некоја недела, стана вистина. Народот не сака да биде под јаремот на 100тина души од ДУИ со држава дадена на услуга на Али Ахмети, вели Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг во Струга во рамки на претседателските и парламентарни избори.
Мицкоски порача дека народот е посилен од секое сценарио на владата на СДСМ и ДУИ, и им се заблагодари на граѓаните за поддршката и победата.
Народот покажа дека е посилен од секое сценарио, од секоја шема направена од истите политичари кои со години крадат и се богатат на грбот на сиромашниот и напатен народ. Им доаѓа крајот, цунамито се крена, а потресот го направивте вие народот на Македонија и ви благодарам за тоа, кажа Мицкоски.
Претседателот Мицкоски им порача на СДСМ и Ковачевски да не се чудат што ги снашло, односно како што рече тој нека не се чудат јас ќе им одговорам, ги снашол народ.
Нека не се чудат што ги снашло. Јас ќе им дадам одговор. Ги снашол народ, порача Мицкоски.
Мицкоски додаде дека вчерашниот резултат е одговор за предавствата, аферите, криминалот и понижувањата на Македонија и граѓаните од владата на СДСМ и ДУИ.
Изборите вчера беа одговор за тоа што ја одземаа контролата на државата затоа што донесоа предавства понижувања и криминал. Затоа што направија 600.000 луѓе да живеат само со 150 денари на ден, 80.000 ги оставија во тешка сиромаштија. Направија да сме на врвот во Европа по инфлација и криминал, тешко се живее. Тоа оди се на контото на Ковачевски, Али Ахмети и Стево Пендаровски, рече тој и додаде:
Што се не се случи овие години, рекети, скандали, афери, Соравии, запалени болници, превртени автобуси, крах при ковид кризата, печалење од болните на Онкологија, за кој нема одговорност. Сето тоа е начинот на кој владее оваа власт. Одговорот стигна вчера. Дупла победа во Струга против Стево Пендаровски и СДСМ.
Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има план и програма Платформа 1198 со која ќе ја трансформира Македонија напред и вели дека работата се уште не е завршена, односно дека финалето следува на 8 мај каде што граѓаните ќе треба да дадат црвен картон на владата.
Работата не е завршена. Победата е голема. Финалето следи на 8 мај. Имаме противник кој нема да жали средства ниту методи за да си ги задржат фотелјите. Добија жолт картон вчера, на 8 мај треба да добија црвен. Црвен картон за цела влада. Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавства. Сите нивни понижувања кои ги прават посебно изминатите денови. Ова е револуција на народот на Македонија и таа нема да запре. Затоа ве молам, ве молам за поддршка од сите. Повикувам за сеопшто државно обединување на народот и сите сегменти на општеството против оваа влада, нагласи Мицкоски.