Како дел од коалицијата „За европска иднина“ не можам да кажам колку пратенички мандати ќе се освојат, тоа ќе го кажат на крајот од денот граѓаните. Сметам дека оваа коалиција ќе биде победничката коалиција и дека ќе го заокружи процесот на евроинтеграција до 2030 година, затоа што покажа дека знае како да работи, вели претседателката на Либералнодемократската партија Моника Зајкова во интервју за МИА во рамки на серијата интервјуа што Агенцијата ги подготви во пресрет на парламентарните избори.

ЛДП која деновиве одбележа 27 години од постоењето на политичката сцена, има тројца кандидати за пратеници, а Зајкова која е ко-носителка во Изборната единица 1 заедно со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, очекува сите тројца да станат пратеници.

-Како коалиција јас не можам да кажам колку пратенички мандати ќе се освојат, тоа ќе го кажат на крајот од денот граѓаните. Јас сметам дека оваа коалиција ќе биде победничката коалиција затоа што покажа знае како да работи. Да, оној кој работи има и грешки. Меѓутоа, ние тие грешки не ги преќутуваме, ги признаваме и се извинуваме на граѓаните, знаеме каде ни се аномалиите и каде треба да се фокусираме во периодот кој претстои. ЛДП има тројца кандидати. Мене ми е чест што сум ко-носителка заедно во Изборната единица 1 со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски. Имаме кандидат во Изборната единица 4, тоа е познатиот и ценет доктор кардиохирург Илија Нешковски и генералниот секретар на партијата којшто трча кампања во Изборната единица 5, тоа е Боби Мојсовски. Јас искрено сметам дека ЛДП во овој парламентарен состав ќе има тројца пратеници во однос на досегашните двајца, бидејќи заедно со оваа коалиција се изборивме за многу работи. Покажавме дека можеме да се грижиме за сите, од младите до возрасните, до менаџирање на кризата, до почнување на онаа енергетска транзиција во државата, така што има еден континуитет и пред се борбата за членство во Европската унија, вели Зајкова.

Таа нема амбиции да стане дел од владиниот кабинет доколку коалицијата победи на изборите, а во однос на тоа колку министерски места очекува, Зајкова нагласува дека е тоа работа за понатамошни преговори и договори помеѓу коалиционите партнери, но уверува дека имаат квалитетни луѓе кои може да се најдат во кој било ресор во владата.

Во однос на главните поенти од програмата на ЛДП за изборите и колку од овие цели се усогласени со коалицискиот партнер, претседателката Зајкова посочува дека и досега во Парламентот дејствувале заедно и спровеле бројни политики, како субвенциониран студентски оброк и зголемување на средствата за рамномерен регионален развој, кои беа идеи на ЛДП, но највисоката цел е, вели, членството во Европската унија.

Голем дел од програмата на ЛДП „Секој е важен“ која што ја промовираа во ноември минатата година, додава таа, е инкорпорирана во Програмата на коалицијата и тоа во областа на животната средина, во делот на млади поддршка за младите за основање на сопствени бизниси, финансиска помош за домување на млади лица до 29 години, а проектирани се и заеднички мерки во областа на правосудството.

-Тоа всушност може да си признаеме дека ни беше областа каде може и најмногу потфрливме што поради дел од блокадите коишто се случуваа во Собранието од страна на опозициската партија, што поради можеби оставање на работите да течат така, но добро е што се усвоени оние 40 препораки од оценската мисија, тоа е многу важно за ЛДП и прочистувањето на правосудниот систем, но и ветингот на политичарите што за мене особено значи. Се согласувам со она што го говори кандидатот за претседател Стево Пендаровски дека ветингот на политичарите треба да започне од деведесеттите години кога се формирала државата затоа што всушност тогаш се правени најголемите злоупотреби на државниот буџет и распределбата на капиталот во државата и слободно кажувам нека почне од мене затоа што јас немам никаков товар по однос на овие прашања, нагласува Зајкова.

Прашана дали моделот на една изборна единица со отворени листи е влезен во договорот за коалицијата, лидерката на ЛДП наведува дека искуството изминатите години покажува дека ова прашање не зависи само од една партија, но и дека тие не се откажуваат од борбата за една изборна единица.

-Ако навистина има желба, може да се смени изборниот модел и Македонија да биде една изборна единица каде што гласот на секој граѓанин ќе биде посоодветно претставен. Сега ние имаме гласови на можеби 40 до 50 илјади граѓани коишто одат во ветер затоа што не се сконцентрирани во една изборна единица и тие луѓе остануваат без свои претставници во Парламентот, вели меѓу другото таа.

За уставните измени кои се наметнаа како доминантна тема на овие избори, вели за разлика од некои партии кои сакаат прво да ја освојат власта и фотелјата па после да ги кажат плановите, ЛДП има јасен став дека интерес на државата е час поскоро да влезе во ЕУ. Тоа ни е обврска, по успешно завршениот скрининг-процес, и со цел отворање на поглавјата. Лично смета дека отворање на преговорите по поглавја ќе ги донесат реформите во државата затоа што се покажа, вели, дека ние не можеме да пронајдеме национален консензус за важни прашања и дека секогаш доминира партискиот интерес, за жал. Што поскоро се случат уставните измени и што поскоро го започнеме тој процес, полноправното членство во 2030 година, вели Зајкова, е достижна цел.

-Знаете како, тоа е волја на секој пратеник како ја гледа визијата за државата. Тоа не е моја проценка дека главни се уставните измени. Тоа го кажуваат луѓето во Брисел коишто го водат процесот на проширување. Таквите залажувања дека ќе имало репреговарања само сакам да прашам дали излобираа и се договорија со сите земји членки дека тоа може да се случи кога од таму ставот којшто доаѓа е дека нема репреговарања на преговарачка рамка која е веќе утврдена. И ако ги следите глобалните политики наш интерес е час поскоро да ги отвориме, но и час поскоро да ги затвориме тие поглавја, да се реформира системот и да бидеме полноправна членка до 2030 година кај што граѓаните достоинствено ќе бидат рамо до рамо со нивните сограѓани од Европа. Ние живееме на европскиот континент. Ние природно припаѓаме на Европската унија, подвлекува Зајкова прашана што доколку не се случат уставните измени.

Во програмската платформа „Секој е важен“ таа потврдува дека една од заложбите на ЛДП е избор на претседател на државата во Собрание со двотретинско мнозинство. Тоа доаѓа од ставот за рационален политички систем и стои во програмата на ЛДП уште од 2011 година, но, вели, таа не би ја користела како тема за добивање политички поени сред изборен период. Тоа се теми коишто треба сериозно да се дискутираат, појаснува Зајкова.

-Ние, да, сме ја ставиле оваа заложба, меѓутоа не таа да биде како фактор на повторно поткусурување и уцени внатре во Собранието. Сепак е ова сериозна тема која бара поширока дискусија и не е тема која што треба да се користи како тема за уцени во изборите, но е нешто што сме го ставиле од аспект на она кои се ингеренции на претседателот и од аспект дека има се помала излезеност, дали реално може да се оствари цензусот и дали реално се потребни толкави трошоци за избор на претседател. Меѓутоа, пак ќе кажам, не под вакви околности коишто некој друг ги користи за да може да предизвика повторно состојба на договарања, поткусурувања, уцени и слично, рече Зајкова.

Во контекст на односите со соседите и бранувањата деновиве предизвикани од најавата за коспонзорирање на Нацрт-резолуцијата за Сребреница во ОН од министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој е и претседателски кандидат, Зајкова вели дека ние не треба да ги нарушуваме добрососедски односи со Србија која е наш голем партнер и голем поддржувач.

Смета дека изјавата, како и претходната е искористена во време на политичка кампања што е жалосно затоа што во Парламентот во 2010 година е донесена декларација со која ја прифативме Резолуцијата од Европскиот парламент каде овој чин е признат како геноцид.

Зајкова е веќе втора година на лидерската позиција во ЛДП. Прашана кои се предизвиците за жена лидер во светот на политиката, вели најголемиот предизвик со којшто се соочуваат жените за жал е се уште живеењето во стереотипно општество и потребата жената да се докаже двапати повеќе дека вреди во однос на машкиот свет, како и во се поголемиот број насилство во онлајн просторот, односно негативни коментари, говор на омраза.

-Мене ме радува што во оваа коалиција остануваме на она што значи носење на Законот за родова еднаквост. Добро е што донесовме и Закон за заштита и спречување од дискриминација малку овие стереотипи и табуа да се придонесе да се надминуваат. Истанбулската конвенција беше значаен чекор напред, така што има подобрување во однос на она што значи родова рамноправност или еднаквост на мажите и жените, меѓутоа, сепак, жените во политиката навистина имаат сериозни предизвици и не е така лесен патот иако можеби изгледа дека им е се лесно и совршено. Тие се борат со ветерници и внатре во партиите, но и надвор во општеството, подвлекува Зајкова.

Последна иницијатива како пратеничка во Парламентот беше поднесување на измени на Законот за заштита и благосостојба на животните за поодговорно сопствеништво. На прашањето која ќе биде нејзина прва иницијатива во новиот состав на Парламентот доколку бидете избрана за пратеничка Зајкова појаснува дека оваа иницијатива ќе остане и во новото Собрание, бидејќи животните треба да уживаат соодветна благосостојба, но тука е и аспектот на безбедноста на луѓето и она што се троши од буџетските средства за исплаќање на оштети. Бројни предлози на закони кои ги поднеле во Собранието, но кои не се нашле на дневен ред, таа најавува дека ќе бидат повторно поднесени и се надева дека ќе бидат прифатени од другите политички субјекти, а меѓу нив и во делот на правосудството.

-Во однос на правосудството ние остануваме на нашите измени на Кривичниот законик со коишто предлагаме зголемување на рокот на застареност на делата во 30-тата глава кои што се однесуваат на злоупотреба на буџетот, односно тука влегува и злоупотреба на службената положба и овластувања, но и одговорноста на луѓето кои работат во правосудството. Бидејќи пак ќе кажам не се сите судии и обвинители корумпирани, но мора да има некое прочистување и да се види кои се тие коишто се корумпирани, можеби по моделот на скандинавските земји - истите ако се докажат дека посредувале во одреден предмет или дека затајувале предмет да добијат забрана за вршење на професијата и должноста во областа на правосудната материја, вели меѓу другото во интервјуто за МИА Моника Зајкова, лидер на Либералнодемократската партија.

Виолета Геров



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2024 18:40