Кандидатката за претседателка на Македонија, професор д-р Гордана Сиљановска-Давкова даде интервју за Радио Лидер. Во продолжение ги пренесуваме клучните поенти:
Анкети и изборни резултати - Мене ме шокираше како луѓе од науката велеја дека анкети не се релевантни, кога во рамките на политичките науки, во рамките на изборното право има една дисциплина која се нарекува псефологија. Која пак дисциплина, го анализира однесувањето на гласачите.
Во ниеден момент не оставив коментар по однос на обвинувањата на против кандидатот Пендаровски дека анкетите се наместени. Сите ние што си занимаваме со правни и политички науки треба да веруваме на анкетите, иако имам забелешка дека мислев оти отстапувањата од анкетите ќе бидат до 3% ама ова е нешто многу повеќе.
На што се должи изборниот резултат, афирмативен глас некој да се награди или глас некој да се казни? – Работата не е или - или, туку и – и, има од се по малку. Прво, факт е дека народот сака некој што е автентичен. За посебните најдобар амбиент, за да дојде до израз посебноста, е да живеат во некоја стандардна досадна држава оти тогаш има шанса да бидете добар во она што го правите. Ако живеете во некоја егзотична држава каква што е нашава, тогаш посебноста се врзува за нешто друго. Сите овие години, ликови кои не сториле ништо во своите професии или преку ноќ станале, во системот на Глембаеви, нешто и моќта им извира од богатството, се вртеле во политиката. Па ја заробија политиката и таа стана далеку од уметност на можното. Прагот на издржливост е надминат, оти што друго можеше? Со душата ли ќе тргуваат? Синдромот на Фауст ни се случи нас со овие ликови. Тие се тешеја со рецитирање: ЕУ, ЕУ, ЕУ и иднината, ама заборавија на сегашноста.
Определбата на народот се темели на континуитетот во мислата. Може да грешите ама имате препознатлив став. Аман од луѓе кои преку ноќ ги менуваат ставовите.
Дискурсот во кампањите – Новинарите ги запишаа сите филозофи и други ликови што ги спомнавте досега – Ми се допаѓа тезата дека: „Во политиката може треба да размислувате филозофски, ама да зборувате поедноставно, да ве разберат“. Мислам дека големата економска криза во САД во 30 години на 20 век, подобро е опишана во книгата на Џон Штајнбег – „Глувци и луѓе“ одошто во сериозни анализи. Последниве неколку години, уживам во книгите на еден од најпознатите американски невропсихијатри, Ирвин Јалом. Најпознатата книга му е „Кога плачеше Ниче“ во која врзува реални факти за познати филозофи и потоа ги транспонира во одредено време итн. Ликовите ги употребувам за да инспирирам.
Што доколку не победите? - Се е можно. Но, јас ќе се однесувам и во вториот круг исто. Заговарањето бојкот е брука за т.н. проевропски фронтмени. Ирелевантно е дали јас ќе станам претседател, друго е страшно. Бојкотот значи дека не постои ниту минимум демократија, бидејќи не бојкотираат партии или лидери на партии туку граѓани. А, избирачкото право е лично право. Ако вие го правите тоа, овде нема ни гласачи, нема ни демократија. Дури и онаа поделба дека демократијата може да ја сфаќаме како реализација на изборите и поделба на институциите, е само завршена транзиција. Консолидација е кога имаме стабилни институции. Ако ние немаме граѓани, бидејќи некој ги супстиуира т.е. гласа за нив или им наредува како да гласаат, дури тогаш ние нема да зачекориме во Европа. Инаку, Венецијанската комисија има напишано, најмалку четири или пет пати, да се тргне изборниот праг во вториот круг зашто е бессмилен. Тоа значи дека „дуизацијата“ веќе станала владеачка филозофија на СДСМ затоашто другиот одговор на бојкотот би бил избор на претседателот во Собранието. Апсолутно сум против бојкот. Истовремено има и парламентарни избори и претседателски. Прашувам, дали и парламентарните ќе ги бојкотираат или само претседателските? Тогаш тоа не е демократија, тоа е крај на Македонија. Да бојкотирате избори кога имате ваш кандидат, а притоа велите дека е фаворит и уште тврдите дека почнувате од нула, уствари значи дека одите и под нула и тоа е срамно.
За платформата „Македонија повторно горда“ – Ниту има правда, ниту има гордост. Гордоста е категорија што го засега секој. Прагот на издржливост на Mакедонците е надминат кога некој вели дека не си тоа што си туку тоа што јас мислам дека си. Тоа нема врска со компромис, нема врска со евроинтеграции.
Скандирање „УЧК“ и заканите на митингот на ДУИ – Таквите зборови се недозволива реторика, забранета реторика, не говор на омраза, туку нешто повеќе. Не само за избори, туку секогаш. Уставот забранува формирање на воени и паравоени формации надвор од вооружените сили на Македонија, тоа прво. Второ, не можете да глорифицирате нешто кога и самите сте жив актер од тоа. Историјата треба многу подоцна да ги оцени историските настани. Враќањето во реториката на овие категории е болно за сите. Не е добро ни за Aлбанците. Особено е страшно што не одат со оној концепт „едно општество за сите“. Интересна работа, моите коментатори и критичари немаат забелешка за овој говор, нели? Опасно е да се игра со вакви зборови бидејќи тоа е милитаризација на говорот. Тој е горд кога му „рапортираат“ на избори. Воена демократија не постои. Далеку се од Де Гол ако мислат да глумат. Тоа е опасно и сигурно ќе биде забележано во извештаите. Но, ме чуди да нема реакција од СДСМ и од претседателот. Вакви нешта, ниту се толерирале, ниту треба да се толерираат. Замислете ако ваквата реторика се врати во Италија, Германија, сите излегуваат и маршираат по улиците против тоа.
Ние не само што немаме едно општество за сите, немаме една држава за сите, немаме една влада за сите, немаме еден парламент за сите, немаме едни избори за сите. Прв пат слушам дека на избори има двајца победници. Прв пат гледам на билборди „еден – еден“. Секоја изборна единица има по 20 кандидати, сега ако е еден – еден, значи листите на СДСМ се со по 19 кандидати. Не може да биде еден и Моника, не може да биде еден и Ковачевски. Не може да биде еден и Битиќи, не може да биде еден и Спасовски. Јас тоа не го разбирам. Дали тоа значи дека двајцата сочинуваат еден? Не ги разбирам билбордите. Велат, најстрашна е власта во заминување оти тогаш има конфузија и хаос во мисла, хаос во постапување, не може да одгатнете што е што. Мене ме чуди каде се тие кои се платени за критикување оти изгледа само со обожаватели се опкружуваат.