Имаме во првиот круг историска разлика од 183 илјади гласа предност во однос на кандидатот Стево Пендаровски. Идниот претседател, професорката Гордана Силјановска Давкова има повеќе од двапати повеќе гласови од тоа што освоил Стево Пендаровски и тоа е нешто кое што е многу важно. Да бидам уште попрецизен, како коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ имаме освоено во првиот круг претседателски избори за 20% повеќе гласови од збирот на гласовите на владините кандидати. Ние имаме 360, а тие имаат 300 илјади гласа, што значи дека владата е делегитимирана. Владата која што е составена од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ е делегитимирана и после 8 мај заминуваат во опозиција, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Градско.

Мицкоски исто така истакна дека оваа огромна победа истовремено е и огромна одговорност и затоа новата влада на ВМРО-ДПМНЕ веднаш после 8 мај ќе треба да ги засука ракавите и да испорача тоа што го ветува пред македонскиот народ.

„Оваа голема победа е и одговорност. Народот очекува брзи резултати и немаме време за изговори. Веднаш после 8 мај ќе треба да ги засукаме ракавите за најпрвин да ја формираме владата и веднаш да почнеме да испорачуваме тоа што сме го ветиле пред народот, пред граѓаните. Но, она што е важно и што сакам да го споменам е фактот дека полека но сигурно Македонија и народот македонски, граѓаните во Македонија се чувствуваат слободни и полека надежта се враќа. Тоа е амбиентот, таа е емоцијата која што ја чувствувам овие два дена каде и да одам низ Македонија“, потенцираше Мицкоски.

Тој потенцираше дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ е изготвена заедно со граѓаните и резултатите од реализацијата на истата ќе се почувствуваат веднаш после 8 мај.

Она што сакам да го кажам е дека многу внимателно ја креиравме програмата наречена „Платформа 1198“ која што заедно со народот изминативе месеци ја креиравме таа програма многу внимателно без чуда, секаде тоа го зборувам, чуда се невозможни, а ние не сме чудотворци. Многу внимателно сакавме тоа што е дел од таа програма веднаш да го почувствувате, веднаш да почувствувате брзи резултати, без изговори и без да зборуваме претходниците беа лоши. Сите вие знаете дека не беа лоши, беа катастрофални и најлоши досега, немало полоши“, потенцираше Мицкоски и додаде:

„Сакаме веднаш, од првиот ден да почнеме жестоко да работиме и затоа тоа што е таму ветено, верувајте дека ќе биде реализирано до последната буква, до последната точка“.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2024 22:55