Борбава и формално правно и политички почнува од нула како да немало прв круг. На 8 мај не само овде во Крушево ќе славиме и во цела Македонија, порача претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на средбите со жителите на Крушево, повикувајќи ги крушевчани масовно да излезат на гласање и на 8 мај.

Тој ги негираше обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.

-Веројатно сте слушале вчера, денес од кога заврши првиот круг, нашиве политички противници коишто се уште се убедени дека ќе победат, нека живеат во тоа уверување, почнуваат да ги кажуваат овие муабети што ги зборуваат уште во првиот круг, ќе била разликата толку голема и ќе сме немале никакви шанси да победиме затоа ќе сме бојкотирале. Дали е логично да дојдам јас во Крушево, ако мислам да бојкотирам? Јас мислам со сите вас да победам, а кој сака нека бојкотира, рече Пендаровски.

Посочи дека не бојкотирал ни во 2014 година, ни во 2019, ни 2016 година, а, како што кажа, нема да бојкотира избори ни оваа 2024 година.

-Тие нека му ја мислат за крајниот резултат. Ние сите го знаеме и наместо бојкот ние ќе прославуваме. И во минатото и денес, крушевчани секогаш знаеле да донесат правилна одлука. Тоа го докажаа на првиот круг од претседателските избори. Знам дека и на 8 мај нивниот избор ќе биде бројот 1. Македонија заслужува натпартиски, претседател на сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност, рече Пендаровски.

Посочувајќи дека меѓуетничките односи и темелите на нашата држава се потпираат на идејата, на концептот на Крушевскиот манифест, претседателскиот кандидат Пендаровски од Крушево порача дека наместо нов Устав, на граѓаните на оваа земја им се потребни подобри услови за живот, подобра економија и поголеми инвестиции, повеќе работни места и можности за младите, за да останат дома, во својата татковина.

-Нам не ни треба враќање назад во историјата, нам не ни треба некој да биде повисоко, некој пониско. Нам ни треба подобра економија, подобра социјала, повеќе инвестиции, повеќе работни места. Ако го направиме тоа, можеме да кажеме дека бил успешен мандатот. Сè друго е карање со комшиите и внатре со најблиските, и карање на регионално ниво, со соседите – и тоа е погубно, рече Пендаровски пред присутните.

Во оваа насока тој додаде дека и натаму ќе се залага за концептот на заедништво, бидејќи смета дека сите граѓани мора да бидат еднакви. -Отсекогаш сме биле мултиетничка држава и единствениот рецепт за просперитет е да се почитуваме едни со други, рече Пендаровски.

Пендаровски во Крушево, во споменикот Македониум, положи и свежо цвеќе на гробот на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2024 22:59