Многу е важно да се земе активно учество во овие избори. Резултатот во првиот круг беше би рекол историски. Владата е делегитимирана и треба да оди во опозиција и СДСМ и ДУИ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Неготино.

Мицкоски посочи дека СДСМ денес се претвори во обичен измеќар на ДУИ, затоа ова што им се случува не е случајност.

„ДУИ и СДСМ мора да одат во опозиција.

Мора да престане праксата ДУИ ќе биде малку со ВМРО-ДПМНЕ, па со СДСМ. ДУИ сака да го понижи македонскиот народ и да ја клекне на колена Македонија. Ми пречи криминалот на ДУИ. Тие повеќе од 20 години крадат од сите вас. Тие повеќе од 20 години ја урнисуваат Македонија. СДСМ мислеа дека противник им е ВМРО-ДПМНЕ, а не гледаа што прават од ДУИ“, кажа Мицкоски.

Затоа, додаде Мицкоски, сакам да предупредам за нешто за што имам информации дека се случува.

„Банди од ДУИ обиколуваат граѓани. Ќе се обидат да го купат гласот, ќе се обидат ДУИ да има пратеник во изборните единици 3 и 4. Секој бандит кој ќе нуди пари, практично ви нуди ваши пари, украдени од вас. Предупредувам да не биде дека не сум кажал. Мои браќа и сестри се сите граѓани, но нема простор за криминалците. Тие знаат што ги чека. Јас нема да правам пакт со криминалот, туку ќе го истребам. Мора да има одговорност за криминалот“, вели Мицкоски.

Мицкоски посочи дека ќе тропне на секоја порта.

„Македонија е држава на лојални граѓани без разлика на етничка припадност. Ќе побараме поддршка, ќе замолиме, ќе предупредиме дека ова се клучни избори. Секој човек ќе го убедам дека секој мора да излезе да ставиме крај на ова уништување на државата“, кажа Мицкоски.

Мицкоски укажа дека ова е момент да се обединиме.

„Ги повикувам сите, поддржувачи на СДСМ, оние кои останаа дома, сите да излеземе против оваа власт. Вашата доверба нема да ја изневериме потребна е поддршка за Македонија“, рече Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2024 23:04