Во првиот круг, дефинитивно народот избра и формираше трета опција во државата. Тоа дефинитивно е движењето „ЗНАМ“, За наша Македонија, рече вечерва Максим Димитриевски, претседател на движењето „ЗНАМ“ на средба со прилепчани во месната заедница „Гоце Делчев“.

Димитриевски порача дека нема по секоја цена да „бркаат“ власт, туку да ја сменат сликата која во континуитет ја гледаме.

-Дел од другите листи се листи за аболиција, помилување, за добивање имунитет, а нашите листи се креативни со луѓе со нови идеи и размислувања. Во Македонија никогаш нема да биде исто, ЗНАМ ќе биде секогаш тука, со граѓаните и сме корективот и на власта и на опозицијата. Апелирам до граѓаните да ја поддржат нашата, реално, остварлива програма. Нема простор за идна коалиција со ДУИ, бидејќи гледаме голема одговорност од таа политичка партија која е повеќе од 20 години на власт, ниту, пак, можност за коалицирање со ова актуелно раководство на СДСМ. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите чесни членови од СДСМ да ни се приклучат, зашто ги има, зашто ЗНАМ е опцијата која ќе ја придвижи државата напред, изјави Димитриевски.

Пред прилепчани се претстави носителот на листата на кандидати за пратеници од ова движење во четвртата изборна единица, Миле Цеков. Цеков рече дека нудат реални програми.

-Народот ја прати пораката, а тоа е масовна поддршка за третата политичка опција, односно, за движењето ЗНАМ, За наша Македонија. Во програмата нудиме економски реални програми за нашите граѓани. Во делот на земјоделството имаме кратки, едноставни програми. Имаме субвенција, гарантирана минимална откупна цена на производството, во делот на социјалната политика имаме 13-та пензија, усогласување на минималната пензија со минималната плата, рече Цеков.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2024 05:33