Движењето ЗНАМ - За наша Македонија сеуште нема договорено коалиција со поголемите партии во однос на гласовите за претстојните претседателски избори, изјави за МИА претседателот на партијата Максим Димитриевски, повикувајќи на масовна излезност на изборите на 8 мај.

Тој го повтори ставот од предизборниот период, дека за гласовите добиени на негово име нема морално, ниту етичко право да бара да се гласа за некој од кандидатите.

- Имаше куртоазни честитки на тие кои добија најголема поддршка, од моја страна и на професорката Давкова, па и на господинот Мицкоски. Нема договорено во овој момент ниту една коалиција. Како ќе одлучи партиското раководство на партијата, така и ќе постапиме, рече Димитриевски.

Барајќи ја поддршката од граѓаните за кандидатската листа на ЗНАМ посочи дека тој како личност ќе даде поддршка и за претседателските избори.

-Но притоа секако во одреден момент ќе го искажам својот став како што претходно кажав дека ќе излезам на избори и масовно повикувам да се излезе на избори и ќе го кажам својот став како јас лично како граѓанин, Максим Димитриевски ќе гласам на претстојните претседателски избори. А за парламентарните се подразбира не само што ќе гласам за ЗНАМ, туку барам и граѓанската поддршка да се даде на ЗНАМ, изјави Димитриевски од Струга.

Димитриевски барајќи ја поддршката за листата на пратеници во Изборната единица 5 на ЗНАМ предводена од Весна Бендевска, најави продолжување на патот во евроинтегративниот процес, изнаоѓање на соодветни решенија со редефинирање на преговарачката рамка, надминување на проблемите со соседна Бугарија и целосна интеграција на Македонија во ЕУ, но притоа заштита на националните македонски интереси, сопствен идентитет, јазик, самобитност, континуитет...

Тој во Струга оствари средби со граѓани во струшката чаршија, по кејот на реката Црн Дрим, како и со пензионери и други граѓани низ градските плажи од каде посочи дека приоритет на неговата партија е изработка на национална декларација, за дефинирање, како што подвлече, после 33 години на националните интереси на Македонците, но и директно работење на реален соживот.

Барајќи ја довербата од стружани на претстојните парламентарни избори тој вети анализа на целата состојба во државата, реална борба против корупцијата, со стратегија и борба против политичка корупција, која, според Димитриевски, се наоѓа во највисоките ешалони на политичките субјекти.

- Нашата програма не е како останатите. Ние во нашата програма имаме конкретни мерки коишто се реално остварливи, а таму каде што до сега имавме и се уште имаме власт, тоа е на ниво на локална самоуправа, го потврдуваме кажаното дека зборот за нас се уште е збор. Тоа значи, тоа што ќе се вети, тоа и ќе се реализира. Но ниту во еден момент, како партија во зачетоци која што се потврди на последните избори, нема да дозволиме да бидеме пион за поткусурување на сметките на големите, туку имаме намера да се стекнеме со целосната поддршка на граѓаните, и да преземеме во иднина одговорност за менаџирање на оваа држава, рече Димитриевски.

Најави нови програми и во делот на развојот на туризмот, земјоделието и сите стопански гранки за да се постигне самоодржливоста на Македонија како држава.

-Нашата програма е реална, и ние ќе бидеме стожерот и на уставноста, и заштитник на граѓаните, бидејќи знаеме дека останатите политички субјекти се под знакот еднаквост во континуитет последните 30 години. Потребно е да се обезбеди поголемо поддршка за новиот политички субјект ЗНАМ кој ќе биде стожер на граѓаните во следниот законодавен дом, нагласи лидерот на партијата.

Носителката на листата на пратеници на движењето ЗНАМ во петтата Изборна единица Весна Бендевска, ги повика стружани на 8 мај да гласаат, за како што рече, новата политичка опција, која, според неа, ја формираат граѓаните.

- Граѓаните на 24 април покажаа и докажаа дека умеат да ја препознаат новата опција. ЗНАМ е единствената опција која се темели на интегритет, вредност и на принцип. Така и нашата програма не случајно е наречена „Проглас за достоинствена Македонија“. И народот тоа го препозна на 24 април со огромната поддршка на нашиот претседател и претседателски кандидат Максим Димитриевски. Се случи чудо. Се случи народ. Движење ЗНАМ последниве три дена, после првиот изборен круг доживува навистина неверојатно придружување од страна на граѓаните, рече Бендевска.

Повика на масовна излезност на парламентарните избори, нагласувајќи дека редно е граѓаните да ја земат работата во свои раце.

- И редно е на партиските машинерии кои 30 години се менуваат, да им се каже доста е. Сепак народот дава, народот зема власт, додаде Бендевска.

Претседателот на движењето ЗНАМ за нашата Македонија Димитриевски и ностиелката на листата на Изборна единица 5 Бендевска претходно имаа средби со граѓани во Крушево и Кичево, а средбите вечерва ќе продолжат и во Охрид.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/04/2024 05:41