Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во Крушево порача дека ако идејата за независна македонска држава првпат била реализирана во Крушево, тогаш и идејата за Европска Македонија ќе почне токму од таму благодарение на Македонци, Власи и сите други заедници кои живеат во нашата држава.
- Замислете асномците при првата пречка да се откажеле од својата идеја за македонска држава. Замислете нашите претходници во 90-тите да се откажеа од идејата за независна Македонија. Тоа би било исто како ние да се откажеме од идејата за нашата цел, за европска Македонија, рече Ковачевски.
Според него, тоа значи откажување од идејата за подобар живот.
- Затоа СДСМ секогаш била и секогаш ќе биде најсилната партија во Македонија. Партија која не се откажува кога е најтешко, партија која не потклекнува кога се очекуваат тешки одлуки. Сите оние кои мислеле дека ќе не скршат завршиле заборавени од историјата. И затоа никој не треба да помисли ниту на сон дека сега ќе се откажеме, дополни тој.
Ковачевски рече дека се свесни, за, како што наведе „казната во првиот круг на изборите“ и кажа дека пораката е примена.
- Треба да седнеме, да поразговараме за проблемите прво меѓу себе, како што тоа го правиме исто и со граѓаните. И само така ќе можеме да ги оправиме сите грешки и заедно да градиме подобра и по просперитетна иднина за граѓаните, рече тој.
Потенцираше дека резултатот од изборите, не е, како што рече, оној од пред четири дена, туку на 8 мај.
- Знам дека голем број граѓани сѐ уште немаат одлучено кому да му го дадат својот глас. Затоа ги повикувам убаво да размислат кој заслужува да ја води државата. Убаво да размислат дали сакаат да гласаат за или сакаат да гласаат против. Гласањето против не ѝ носи добро на Македонија. Само ако гласаме за, може да одиме напред и да изградиме подобра држава за нашите деца, држава во која и тие ќе сакаат да живеат, рече Ковачевски, повикувајќи ги граѓаните да гласаат за кандидатот за претседател Стево Пендаровски и Коалицијата За европска иднина на Парламентарните избори.
Јован Митрески, носител на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 5, рече дека не се откажуваат од иднината затоа што мнозинството граѓани, како што кажа, сакаат да ја видат Македонија модерна, развиена, без поделби и без меѓуетнички тензии.
- Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари кои сакаат да нѐ вратат 30 години наназад, да не дозволиме поделеноста на етничка основа да биде наша тема во наредните години, рече тој.
Кандидатите нагласија дека ја сфатиле пораката на граѓаните од првиот изборен круг и посочија дека имаат одговорност за иднината на државата.
Ко-носителката и министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојческа, истакна дека само СДСМ е партијата која се темели на вистинската социјалдемократска идеја и мисла.
- Сите други само манипулираат со социјалдемократските вредности и уште сега се спремни да ги продадат кај десничарската конзерваторска идеологија. Таму другари нема ништо социјалдемократско, туку само желба да се приберат гласовите од вистинските социјалдемократи и тоа не смееме да им го дозволиме, рече таа.
Кандидатот за пратеник, Митко Трајчулески, од Крушево порача дека СДСМ ќе се бори, како што рече, за најважната битка, да создаде Европска држава.
- Знам дека сѐ уште има граѓани кои се соочуваат со многу проблеми, но, морам и сакам да бидам искрен дека токму обврската да понудиме повеќе и подобро е тоа што нѐ води напред, да продолжиме во вистинскиот правец, рече тој