Жалам што раководството на ДУИ се уште живее во некои времиња кои се веќе минато. Македонија е на сите граѓани, ниту е федерација, ниту е би, три или четиринационална држава, според Уставот е на сите граѓани, а според демократијата, оној што има 61 пратеник ја формира владата. Не знам како пресметале дека се претставници на мнозинското немакедонско население. Мислам дека сите сме граѓани на Македонија, Македонци, и ценам дека политиката не треба да се гледа како „шведска маса“ па ДУИ да земе малку од СДСМ, малку од ВМРО-ДПМНЕ, малку од друга политичка партија. ДУИ беше 6,5 години со СДСМ во Владата, поразени се во првиот круг претседателски избори, очекувам да бидат поразени и по парламентарните избори и очекувам ДУИ да биде опозиција за неколку недели, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој уште еднаш напомена дека на 8 мај очекува убедлива победа на Гордана Силјановска Давкова и на коалицијата „Твоја Македонија“, а за коалицирањето со „Вреди“ и уставните измени ќе се разговара, рече, по изборите. Доколку уставните измени се услов за соработка, повтори дека тој и неговата партија не функционираат врз основа на уцени и закани. Засега, напомена Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на изборите, а по нивното завршување ќе се седне на маса со опозициските партии.

Мицкоски е дециден дека местото на Западен Балкан е во ЕУ, како и дека ВМРО-ДПМНЕ во своите фдундаменти ги вклучува амбициите Македонија да биде дел од ЕУ, но мора, како што потенцира, Брисел да покаже јасен план и активости за македонската интеграција, за да се види колку е блиска, а колку е далечна европската иднина на земјава.

Одговорајќи на новинарски прашања по средбата со претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мицкоски го прокоментира и ставот на Али Ахмети кој повикува на Мајскиот договор.

-Демократијата се темели на принципот - кој има мнозинство во Палраментот ја формира владата. Не знам за кој Мајски договор зборува ДУИ, не знам за кое правило „победник со победник“. Имаше едно правило во минатото „победник со победник“ кое е резултат на договор од минатото, тој договор и тоа правило самите го прекршија во 2017 година и повторно би потсетил дека политиката не смееме да ја гледаме како „шведска маса“, настрана што ако ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство, како што се очекува, нема ниту елементарна доверба да соработува со ДУИ. Така што, тие мора да одат во опозиција, подвлече Мицкоски.

Тој изрази жалење што многупати досега голем дел од бирократите кои доаѓаа од Брисел даваа ветувања во однос на македонските евроинтеграции, кои не ги исполнуваа. Од нив, дополни, очекува малку повеќе сериозност.

-Местото на Западен Балкан е во рамки на ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ во своите фундаменти ги вклучува овие амбиции, Македонија да биде дел од ЕУ. Жалам што многупати досега голем дел од бирократите кои доаѓаа од Брисел даваа ветувања кои не ги исполнуваа кога велеа „уште ова само треба да го направи Македонија и веднаш ќе ја почувствува европската иднина“. Би очекувал малку повеќе сериозност од луѓето што ги испраќаат тие пораки, јасен план, јасен гантограм на активности и да видиме колку е блиска, а колку е далечна таа европска иднина, имајќи предвид дека повеќе од две децении трае овој пат на Макеоднија кон ЕУ, а по пат граѓаните и партиите направија многу, како ниту еден народ и како ниту една држава. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена како идна влада да преговара врз основа на Копенхагеншките критериуми и вредностите дефинирани од Де Гаспер, Аденауер и Шуман, повтори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали разговарал со сите претставници на коалицијата „Вреди“, Мицкоски уште еднаш кажа дека сега ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на парламентарните и вториот круг претседателски избори.

-Веднаш потоа ќе седнеме и ќе разговараме со сите опозициски партии. Многу ни е важен во моментов политичко-општествениот консензус против владините партии. Можам да го потврдам тоа што го кажав на 24 април, дека разговаравме со Таравари, му честитав за исклучително добриот резултат на изборите, имајќи предвид кои беа противниците, мислам на Османи и Пендаровски. Ценам дека во овој момент треба да останеме фокусирани на основната цел, а тоа е победа на претседателските и парламентарните избори, рече Мицкоски.

Во врска со кажувањето на Димитар Ковачевски дека имал роднини кои биле излажани и гласале за други партии, Мицкоски изрази жалење што „во Димитар Ковачевски ни неговото семејство нема доверба“.

-Жалам што во Димитар Ковачевски ни неговото семејство нема доверба, а ја очекува довербата од граѓаните. Не знам кој е одговорен од луѓето кои му ги составуваат пораките, мислам дека таа порака е погрешна. Ако вам и во вашето семејство не ви веруваат, не гледам тогаш како граѓаните би имале доверба во вашите политики, рече Мицкоски.

На новинарско прашање, пак, да објасни што конкретно мислел со вчерашната порака до Ахмети дека вооружени лица се собираат во Чаир, Мицкоски рече дека и Ахмети и неговиот соработник точно знаат што зборува.

-Точно знае Али Ахмети што зборувам и точно знае тој негов соработник што уживаше привилегии во луксузен хотел во претседателскиот апартман во Истанбул, бидејќи тој ја координира таа група што се движи на територијата на општините Бутел и Чаир, а и ги знаеме лицата и точно знаеме што прават, а набрзо ќе дознае и јавноста, рече Мицкоски.

Тој ги упати новинарите да го прашаат МВР какви сознанија има и дали ќе постапува или не.

-Тоа што го имав да и го кажам на јавноста, го кажав. Дали МВР ќе постапува или не и какви сознанија има, ќе се обратите таму, одговори кусо Мицкоски на прашањето дали ќе побара МВР да постапува и дали разговарал за сознанијата што ги има со министерот Тошковски



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2024 17:26