Кандидатката за претседателка од ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата вечерва од митингот во Струмица го праша раководството на ДУИ да кажат кој ги поддржал бидејќи, како што рече, во ниту една европска партиска фамилија не стапнале, само локално и регионално ги познавале, ама марширале во место и си замислувале дека се европски претседатели.

-И сега замислете го говорот, кога ние сме велеле твоја Македонија, горда Македонија, тоа бил екстремен национализам, зошто сме мислеле само на Македонецот. Зошто тогаш јас побарав да се преведе програмата и на албански, турски, влашки за првпат, на ромски, и на српски и бошњачки и веројатно видовте вчера. Не ја презентирав јас, туку тие си говореа на своите јазици. Кој е тука националистот. Не, ние не сме. Она што ние го практикуваме е нешто што може да се нарече, да либерален национализам. Сите држави порано или подоцна во 18 и во 19 век значи тргнале по патеката на нација држава исто така и ние. И Вилсоновото начело важи за сите, право на самоопределување. Ама ние денеска не велиме дека државата е само на Македонците оти тоа е реализирана цел, признаена цел. Ние сега зборуваме за граѓански концепт дека во овој народ влегуваат сите други, не е тоа твоја само македонска. Твоја значи на сите заедници без оглед на било каква припадност. И ги видовте вчера построени во Куманово сите, ама тие не го гледат она што е пред нив , туку тоа што мислат дека треба да е, рече Гордана Силјановска - Давкова.

Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му упати порака на Димитар Ковачевски дека нема право да зборува за режим, затоа што ако било тоа, тогаш тој му аплаудирал и се восхитувал пред повеќе години на отворањето на МНТ.

-Тој секаде и во сите ја бара вината за својот пораз и дебакл само не во себе си и своите луѓе. Многу погрешно потсетува на некои минати времиња, вика и се надвикува на полупразни митинзи дека ќе се врател режимот и не знам уште што. Па сакам да му одговорам. Тој може да се навраќа и за тоа што било пред 10 или 15 години, за тоа што било и пред 50 и сто години, но народот е незадоволен и револтиран затоа што сега лошо живее и затоа што нема пари да си плати сметки за струја, затоа што животниот стандард е уништен, рече Мицкоски.

Тој му порача на Али Ахмети дека не може да е востаник, а му праќал емисари и курири за соработка.

-Не може да си визонер кога си потопен во криминал и мислиш дека и овојпат можеш да се провлечеш низ иглени уши. Не сум ти јас Димитар Ковачевски и можам да ти порачам тие куферите што Артан ги носеше пред скопска општина заедно со Артан да ги спакувате и да одите во опозиција, порача лидерот на ВМРО - ДПМНЕ.

Носителот на изборната листа во четвртата изборна единица, Александар Николоски, истакна дека врвен претставник на криминал и корупција во Македонија е Артан Груби.

-Сакам да го поздравам од овде од Струмица, и да му кажам дека ќе му ја испитаме цела работа од точка до запирка, се што правел ќе биде испитано. И да му кажам од овде дека нема да му дозволиме нему блиска фирма да копа во Беласица, да отворат тука рудник за нивните камиони и багери да вртат. ДУИ нема да работи во Струмица и струмичко, порача тој.

На митингот говореа и кандидатите за пратеници Јадранка Поцкова, Жан Дрвошанов и Ели Панова, а ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата денеска претходно одржаа митинг и во Радовиш.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/05/2024 06:38