Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим го повтори противењето на Вашингтон на најавениот израелски напад врз градот Рафа, на југот на Појасот Газа.

Блинкен ја повтори јасната позиција на САД за Рафа, рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, зборувајќи за прашањето за копнена офанзива врз градот, од која израелскиот премиер одбива да отстапи и покрај противењето на ОН и многу земји.

Се стравува дека во нападот би можеле да загинат голем број од 1,5 милиони цивили кои се засолниле во тој град, главно луѓе раселени поради борбите.

Разговорите меѓу Блинкен и Нетанјаху првин се воделе тет-а-тет, а потоа се прошириле и на соработниците и траеле два и пол часа.

Ова е седма посета на Блинкен на Блискиот Исток од почетокот на војната во Газа, која почна по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври во Израел по што Израел го нападна Појасот Газа, каде Хамас е на власт од 2007 година.

Посредниците – Египет, Катар и САД, сè уште го чекаат одговорот на Хамас на најновата понуда за примирје, која вклучува пауза во израелската офанзива и ослободување на палестинските затвореници, во замена за ослободување на израелските заложници киднапирани во терористичкиот напад на 7 октомври.

Блинкен претходно рече дека САД се решени Израел и Хамас да постигнат договор за примирје, по речиси седум месеци борби во Појасот Газа, кој е под опсада и му се заканува глад.

Милер рече дека Блинкен разговарал за договорот за примирје со Нетанјаху и оценил дека Хамас го блокира патот до примирје.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/05/2024 20:14