Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател Гордана Силјановска Давкова најавува дека како иден шеф на државата ќе го искористи механизмот на помилување на осудените за настаните во Собранието на 27 април 2017 година. Нејзиниот противкандидат од СДСМ и актуелен претседател Стево Пендаровски, пак, е против и смета дека амнестија за такво дело не треба да има.
На вечерашната дебата на ТВ Телма, Силјановска-Давкова оцени дека самата квалификацијата на кривичното дело е катастрофална.
- Оние што применија насилство се на слобода. Има таму луѓе кои не сакаа амнестија, сакаа да докажат правда, има луѓе кои водат постапки пред судот во Стразбур. Секој е различен. Јас имам право да помилувам и врз основа на анализата – не само на правото и на правдата, ќе посегнам по тој механизам, истакна Силјановска Давкова.
Пендаровски смета дека има модификација на претходната теза на Силјановска Давкова дека ќе ги амнестира сите сите.
- Разбирам ако некој не е виновен или треба да добие помала казна па и да му ублажите. Ама таа вели дека сите за 27 април ќе ги амнестираме. Како може да амнестирате за таков чин?! Прво извинување, а потоа широка општествена дебата за евентуална амнестија, порача претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
Прашани дали влегувањето во Парламентот на 27 април бил насилен чин, Пендаровски одговори дека било насилство организирано од партијата која тогаш била на власт и обид за насилно уривање на уставниот поредок. – Ако не дозволувате мирен трансфер на власта, тоа не може да биде демократски чин, оцени Пендаровски.
Силјановска Давкова, пак, смета дека имало насилство и луѓето требало да бидат судени за тоа, но, како што наведе, далеку од умот и од правото е дека имало терористичко рушење на уставниот поредок. Според неа, тоа кривично дело било намерно одбрано заради изрекување на најстроги казни