Во студиото на Телма телевизија се одржа дебата на кандидатите за претседател на Република Македонија пред вториот круг на претседателските избори.
Во прилог Ви пренесуваме дел од пораките на професор д-р Гордана Сиљановска-Давкова:
Во делот со Договорот со Бугарија, ќе го потсетам прво претседателот на Бугарија на Договорот за пријателство и добрососедство, ќе го потсетам на преамбулата. Ќе го потсетам дека никој договор не е вечен, може да се смени. Но исто така, ќе го потсетам и на фактот дека Договорот за пријтелство и добрососедство е внесен во преговарачката рамка. Во Договорот за добрососедство и пријателство нема ниту еден збор за уставните измени. Предлогот за уставните измени не е дојден од Бугарија, туку е резлутат на тие тези за „шифтинг“ и слично, на луѓе кои се залутани во дипломатијата. Со што ќе му го аргументирам мојот став? Прво, ретко која држава има таква заштита, уставна, на малцинствата како нашата. Бугарите и сега се заштитени бидејќи влегуваат под категоријата други, исто како што се Босанците, Хрватите во словенечниот устав, таму само италијанската заедница е спомната. И во многу други устави го има тоа решение. Суштината е да ги заштитите правата на малцинствата, кај нас се заштитени. Во Бугарија нема никаква заштита, а Бугарија е потписник и на Конвенцијата за правата на малцинствата и на Конвецнијата за заштита на регионалните јазици, но не ја ратификувала. Значи, контрадикција меѓу Договорот за пријателство кој е дел од преговарачката рамка, а потоа и меѓу оние комисии кои сега може на некаков начин да ја дополнуваат и да отвораат нови шанси за вето.
Какви се тие преговори во кои постои монолог дури и кога е ЕУ е во прашање? Да, монолог е кај нас бидејќи овие луѓе никогаш не тргнувале од државните и националните интереси. И кога оделе на гости не ги анализирале, но јас знам се и за Повелбата за фундаментални права, и за Лисабонскиот, и за Договорот за ЕУ. Никој не предочил дека ваквите услови се надвор од темелните вредности и принципи. Поставени се, но може во интерпретација поинаку да се толкуваат. Јас сум убедена во тоа. Ако ние предложевме решенија со признавање на пресудите од Стразбург, со одложно дејство какво што може да има, со Копенхагенските критериуми како услов за вето. Па, ако сакате и членот 7 од Договорот за ЕУ којшто вели дека некоја од членките, токму пред тој Совет што го споменува кандидатот, може да покрене постапка за кршење на темелните вредности.
Кога реков дека нема да го употребувам терминот „северна“, не реков дека ќе ги тргам таблите пред институциите и на меѓународните конференции и на билатералните средби итн, далеку од тоа. Јас говорам за себе. Кој не го знае тоа дека правото на самооопределување е и лично право и никој не може да ви нареди да употребувате нешто што не ви го прифаќа умот и срцето, има проблем. Ќе го почитувам, но нема да го употребувам „северна“, нема, ќе употребувам Македонија. Никогаш нема да создадам конфузија оти нема да има потреба да правам дистинкција помеѓу тоа и Република Јужна Македонија, таква нема. Значи кога ќе зборувам, ќе велам Македонија, Македонци, македонски, македонско. Тоа „северна“ нека стои пред мене, меѓутоа јас кажувам, за мене тоа прашање нема да биде никогаш затворено. Не може мене никој лично да ми даде нота за тоа што ќе употребувам. Нота не може за лично мислење, тоа е моето право на мисла и слобода на говор. А Грција нека направи нешто за да го спорведе Преспанскиот договор, меморандумите и слично. Дали некаде во Грција пишува: „Северна Македонија“ ?
Ветинг - Досега можеше да се спроведе и ветингот како евалуација или реевалуација при секој избор. Оти генерален ветинг, оној суштинскиот ветинг, значи распуштање на сите и влегување во еден проблем. Значи можеше да се посегне по ветинг кога ги предлагаше претседателот, Весна Дамева, Миљазим Мустафа итн, стручни соработници, најслабата карика во Судскиот совет. Можеше за директорите на Агенцијата на за разузнавање. Можеше секаде каде што имаше можност да предлага, да го предложи и овој механизам. Инаку, да за сите сум. Прво за политичарите, може да има таму ретроактивно дејство, нема проблем никаков. Мислам дека она што се случува денеска е резултат на тоа што ветингот беше само реторика, можеше да се спроведе, а не се спроведе.
Апсолутно не држи тезата на противкандидатот дека претседателот ги предлага стручните соработници, тие партиските, затоашто само тие ќе поминеле. Па извинете, ако не предложам јас некој кој е со интегритет и дигнитет, јас се негирам себе си. Мојот предлог ќе биде најдобриот. А вашите предлози се главната карика во рушењето на независното судство. Едно е тоа што потпретседателот од ДУИ насилно ја смени претседателката на Судскиот совет, ама друго е профилот на претседателката, стручен соработник.
Резолуцијата за Сребреница - Имаме жив и здрав претседател, Османи не смеел да го супституира. Инаку, познати ми се актите на Советот на Европа за Сребреница, тоа е неспорно. Меѓутоа кога истовремено зборувате за Отворен Балкан, за Берлински процес, за помирување. Мора процедура да почитувате, мора тајмнигот да го почитувате, потезите, особено на некој што се нарекува европски претседател, тоа не му доликува.
Како би се однесувала како претседателка? - Посветено, одговорно и никогаш нема да ги заборавам македонските државни и национални интереси. Секако блиску до граѓаните, со нив и до нив. Но, секогаш во главата со македонските државни и национални интереси.