Белата куќа осуди „мал процент студенти, поттикнувачи на немири“ по ноќните судири и апсења во одредени американски кампуси кои протестираат против војната во Газа.

„Студентите имаат право да посетуваат настава и да се чувствуваат безбедно“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер на прес-конференција, додавајќи: „Ќе продолжиме да нагласуваме дека антисемитизмот мора да биде осуден“.

Според американски медиуми, околу 1.000 луѓе се приведени во судирите на универзитетите ширум САД, и според податоци обезбедени од полицијата и властите во Њујорк, околу 300 луѓе биле приведени на Универзитетот Колумбија, центарот на протестите поради војната во Газа со обвиненија за прекршок, кражба и помали кривични дела.

На Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес, попознат како UCLA, не се одржуваа часови. Таму во текот на ноќта избувнал конфликт кога, како што пренесуваат американски медиуми, група произраелски демонстранти се обиделе да ги урнат барикадите зад кои во шатори се наоѓале пропалестинските демонстранти.

Неколку часа пред да избијат немирите во UCLA, полицијата упадна во зградата на Универзитетот Колумбија во Њујорк, окупирана од антивоени демонстранти, завршувајќи го протестот кој ја парализираше институцијата.

Протести избија во околу 30 универзитети во САД, со барање САД да престане да го поддржува Израел и со компаниите кои ја поддржуваат војната во Газа. Тоа е убедливо најголемиот студентски протест во САД во 21-от век, а полициската реакција што следеше потсетува на сцени од 1960-тите кога имаше огромно студентско протестно движење против Виетнамската војна, јавија американските медиуми.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2024 07:20