Двете албански коалиции „Европски фронт“ и „Вреди“ засега не се откажуваат од одржување на завршните митинзи во ист ден во Тетово.

Носителот на листа за пратеници во Шестата изборна единица од Коалицијата „Вреди“ и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, денеска го потврди одржувањето на завршниот митинг на 6 мај на плоштадот „Илирија“ во Тетово, посочувајќи дека имаат добиено одобрение од Општина Тетово, за која вели е единствената институција одговорна за јавните простори.

– Коалицијата „Вреди“ ќе организира завршен митинг на 6 мај во Тетово. Согласно законот, Коалицијата „Вреди“ се обрати во Општина Тетово, како единствена институција одговорна за јавните простори, плоштадите и другите јавни простори и Општина Тетово има дадено позитивно мислење, односно одобрување за користење на плоштадот на 6 мај, рече Касами.

Според Касами, Коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ побарала дозвола од Општината откако веќе бил закажан завршниот митинг на „Вреди“ и посочи дека организаторите немаат обврска да ја информираат полицијата за организирање на вакви собири.

– После тоа се обрати коалицијата на ДУИ, кои ги информиравме дека за тоа време плоштадот е веќе зафатен и даден е на друга организација, односно друга коалиција. Завршено е времето кога дозвола за организирање се земаше од полицијата, според законот и според Уставот ние сме европска држава и за организирање на вакви собири се информира само полицијата или ако се чита прецизно законот вика организаторот може да ја информира полицијата, значи никој од организаторите нема обврска да ја информира полицијата и не е полицијата таа која одлучува кој ќе оганизира митинзи, посочи Касами.

Го повика Европскиот фронт да се повлече од одржување на завршниот митинг на 6 мај во Тетово, бидејќи според Касами, се работи за провокација на тетовчани од страна на Артан Груби од Европскиот фронт.

– Ја повикуваме коалицијата на ДУИ, го повикуваме лично Артан Груби да се повлече од оваа провокација на граѓаните, оваа провокација на тетовчани затоа што одговорот ќе го добие на 8 мај. Целата процедура е според законот и не може Артан Груби да кажува кој каде ќе организира митинзи, затоа што по оваа логика може да дојде кај секој дом, кај секој двор и да каже ова е мој двор. Законот еднаш засекогаш треба да важи за сите подеднакво, рече Касами.

Арбр Адеми од ДУИ деновиве преку соопштение информираше дека Европскиот фронт прв добил потврда и дозвола од Секторот за внатрешни работи за одржување на завршна средба со граѓаните на плоштадот „Илирија“. Посочи дека 10 дена откако СВР Тетово го прифало барањето, албанската опозиција на 22 април се обратила со барање, со кое, според Адеми, СВР Тетово како надлежен орган кој дава дозволи за вакви активности ги известува дека не можат да организираат ваков собир.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2024 22:10