Претставниците од Фондацијата „Ромите за демократија“ денеска организираа марш на кој побараа поголема заштита и зајакнување на полициската присутност за време на претседателските и парламентарните избори на 8 мај, посочувајќи дека нивните набљудувачи во Струмица се соочиле со одредени закани и обиди за физичко насилство, за време на првиот круг од претседателските избори што се одржаа на 24 април.

Маршот почна пред Државната изборна комисија (ДИК), а заврши пред Министерството за внатрешни работи (МВР) во Скопје.

Пред почетокот на маршот, извршната директорка на Фондацијата, Селвије М. Алкан најави дека ќе побараат итна средба со министерот за внатрешни работи, со цел тој да им гарантира заштита и зајакнување на полициската присутност за време на парламентарните и претседателските избори, за набљудувачите мирно да го набљудуваат изборниот процес, да не се соочуваат со закани и притисоци од ниту една политичка структура.

- Денешниот протест го организираме по повод последните закани, политичко насилство и обиди за физичко насилство во Струмица што се случија во првиот круг од претседателските избори од одредени политички структури, членови на политичка партија. Бараме од министерот за внатрешни работи да имаме заштита и безбедност, затоа што на вториот круг на изборите на 8 мај планираме да имаме наши 200 набљудувачи. На првиот круг имавме 68 набљудувачи, рече Алкан.

Таа потенцираше дека доколку не се обезбеди заштита за овие 200 набљудувачи, тогаш нема да има набљудување, односно ќе се откажат од набљудувачката мисија.

Доан Мустафов рече дека притисоците и нападите се случиле со самото влегување на избирачките места. Секогаш кога сакале да упатат на некоја забелешка на избирачкото место, се соочувале со закани. Заканите, како што посочи, ги пријавиле.

- На обуките од ДИК ни беше укажано на што ние како набљудувачи треба да внимаваме за време на набљудување на избирачките места. Но, кога сакавме да посочиме или да дадеме некоја забелешка во однос на тоа што се случува во избирачкото место, добивавме закани, додаде Мустафов.

Мурат Јосинов, кој е дел од тимот на Фондацијата, рече дека маршираат за набљудувачката безбедност и за слобода на гласовите на Ромите.

- Ако немаме слобода на самите избирачки места кога набљудуваме, кога сакаме изборите да течат на фер и демократски начин, ако немаме обезбедена сигурност на избирачките места, тогаш каде ќе имаме? Зборуваме за демократија, но под поимот демократија се подразбира владеење на народот, а тука баш не владее народот. Ако министерот за внатрешни работи не ни ја гарантира безбедноста за нашите набљудувачи, нашата набљудувачка мисија тука ќе заврши, изјави Јосинов.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2024 22:14