Идната влада во Република Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски, како премиер ќе донесе нови инвестиции, подобрување на инфраструктурата, ќе имаме подобро образование, ќе има повеќе и за пензионерите, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата за пратеници во петтата изборна единица, Ѓорѓија Сајкоски, на митингот во Ростуше, седиште на општина Маврово и Ростуше.

Затоа, додаде Сајкоски, повикуваме да ја поддржите програмата „Платфрома 1198“, бидејќи тука има за пензионерите, бидејќи со неа се обврзуваме дека во рок од три месеци по формирањето на владата ќе има зголемување од пет илјади денари за секој пензионер или во текот на целата година ќе добиваат плус 60 илјади денари.

-Но, кажуваме дека ќе има покачување и на платите, дека ќе ја завршиме инфраструктурата во Македонија, бидејќи останаа недозавршени и Градско – Прилеп, остана незавршен и патот Извор – Бошков Мост, автопатот Кичево – Охрид и многу други работи останаа незавршени. Но, ние ветуваме и се обврзуваме дека ќе ја завршиме патната инфраструктура. Ќе го изградиме патот Букојчани – Кичево, ќе го завршиме патот Гостивар – Кичево, ќе направиме да има побрз проток на стоки и услуги со што ќе се даде можност на новите инвеститори да вложуваат во Република Македонија, рече Сајкоски.

Додаде дека Македонија мора да ја ресетираме, институциите да ги реорганизираме, да станеме репрезент во регионот, бидејќи, како што кажа, „денес сме срам во регионот, а тоа можеме да го направи само ако добиеме силна и недвосмислена поддршка и ако сите, масовно излеземе на овие избори“.

-Излезете сите и масовно гласајте за Македонија да биде економски просперитетна, да биде правна држава, да ги искорениме криминалот и корупцијата. За да имаме правна држава, за да имаме економски просперитетна Македонија треба да имаме влада која што може да испорача за сите и која што нема да биде уценувана од никого, а тоа зависи од вас. Да направиме Македонија да не биде уценувана, да излеземе во што поголем број, да ги победиме со пенкало овие криминалци на власт и да донесеме влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што ќе донесе раст, развој и правна држава, порача Сајкоски.

Пред граѓаните на оваа и соседните општини Дебар и Центар Жупа се обрати и лидерот на партијата Христијан Мицкоски, кој порача дека по 8 мај започнува трансформација на Македонија со новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

-Според оваа емоција што ја чувствувам овде и онаа емоција и енергија што ја чувствувам насекаде низ Македонија значи дека на 8 мај ќе ни донесе историски резултат, подобар од оној кој што се случи на првиот круг на претседателските избори. Сепак 2:1 резултат во однос на освоени гласови помеѓу идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова и досегашниот, сега и веќе поранешен претседател, Стево Пендаровски е нешто кое што за првпат се случува во македонската демократска историја, рече Мицкоски.

Многу работи се изнаслушав овие шест години откако сум претседател на партијата, додаде и нагласи дека и „многу работи како што тие ги замислиле не излегоа како што тие ги кажуваа“.

- Можам слободно да кажам дека ништо не излезе така како што тие кажуваа, рече Мицкоски говорејќи дека на СДСМ прогнозите не им излегоа како што тие замислуваа.

Тој додаде дека на СДСМ ништо нема да им се оствари бидејќи граѓаните гледаат кој и мисли добро на Македонија. По 8 мај, убеден е тој, ќе победи Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ

-Сепак 183.000 гласови е нешто што испишува историја. Последниве години ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот испишува историја. Така беше и пред две и пол години на локалните избори, кога за првпат една коалиција, политичка партија во независна Македонија од позиција на опозиција заедно со народот успеа да победи во мнозинството општини во Македонија и да освои мнозинство градоначалници, потсети тој.

Посочи дека таа историја од локалните избори продолжи да се испишува и во првиот круг на претседателски избори и така ќе продолжи и на 8 мај.

- По 8 мај ќе отвориме нова страница за Македонија и ќе ја направиме Македонија онаква каква што нашите генерации сонуваа да биде. Ќе започне процесот на трансформација на Македонија. Доста беа порази, понижувања и грабеж. Ќе отпочне Македонија со својот развој, да бидеме лидери во регионот, да се вратиме во првите пет во Европа, порача Мицкоски.

Тој истакна дека подобри времиња за Македонија доаѓаат со новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2024 05:48