Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска обвини дека на денот на изборите ДУИ полнеле кутии за што има потврден случај со пресуда од Управниот суд.

-Не се само информации тоа дека ДУИ полнеле кутии на денот на изборите, имаме и потврден случај тоа е во општина Липково за каде јасно Управниот суд донесе пресуда каде јасно се гледа дека волјата на граѓаните не е таа која е соодветна на резултатот, рече Мицкоски за време на денешната посета на општина Бутел.

Тој вели дека за тоа како партија предупредувале цело време и воедно упати апел за будност.

-Ние тоа го зборуваме цело време, затоа апелираме цело време, бидејќи имаме индиции дека на уште педесеттина други такви места низ Македонија се полнеле кутии, а излезноста наеднаш по 18 часот се зголемила. Оттука, предупредувам на будност, на внимание, рече Мицкоски.

Тој кажа и за обиди за купување на волјата на граѓаните.

-Тоа што сведочи од теренот е огромен притисок, обиди да се купи волјата на граѓаните од страна на ДУИ, мислејќи дека ќе направат голем резултат и така ВМРО-ДПМНЕ ќе биде пред свршен чин да мора да седне и да разговара со раководството на ДУИ, кажа Мицкоски.

Тој рече дека „е убеден и верува во граѓаните на Македонија, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми или останати дека нема да го дозволат тоа“.

-Можам да ви кажам примери во градови како Виница, Кочани, Делчево, Берово каде владини функционери во придружба со полицајци кои се идентификуваат како полицајци имале обиди да поткупуваат дури и во верски објект, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, волјата на народот не е резултатот за Бујар Османи, туку дека таа е многу помала и ќе биде уште помала во периодот кој следи.

Мицкоски во одговор на новинарско прашање во врска со писмото коешто го испратил вицепремиерот Фатмир Битиќи до компанииите кои добиле помош од државата и во коешто бара поддршка за изборите, вели дека тоа е шокантно, самобендисано, криминално, и го повика Обвинителството да постапи, споредувајќи го случајов со судскиот процес во минатото наречен „Траекторија“.

-Јас го повикувам Обвинителството да нема двојни аршини и да постапи исто и со господинот Битиќи. Ако не постапи, тогаш се потврдува нашата теза дека имаме работа со октруирано обвинителство, партизирано обвинителство, но наскоро и тоа ќе го ослободиме, додаде Мицкоски.

Тој смета дека ова што го направил Битиќи е кршење на членот 353 од КЗ, бидејќи ја злоупотребува положбата со цел да прибави политичка корист.

-Јас ви гарантирам дека истражните органи ќе отворат истрага за ова што го прави Битиќи. Тој во својство на вицепремиер испраќа писма до компании каде што наведува дека, внимавајте јас како вицепремиер ви дадов пари, а сега треба мене да ме гласате на овие избори. Тоа е кршење на членот 353 од КЗ, односно злоупотреба на службена положба и овластувања за прибавување корист, а таа корист е политичка, рече Мицкоски.

Доколку не постапи, додава тој, ќе се потврди тезата на ВМРО-ДПМНЕ дека Обвинителството е октроирано и партизирано и дека е потребно целосно распуштање на Судскиот совет, на Советот на обвинители и проверка на нивните имоти и на нивните семејства



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2024 20:34