Коалицијата на албанската опозиција „Влен“ се надева дека изборниот ден ќе помине мирно, иако, како што велат, има елементи на заплашување и притисок од одредени структури во полицијата.
- Се надеваме дека изборниот ден ќе помине мирно иако има елементи на заплашување и притисок од власта односно од одредени структури во полицијата, особено во Секторот за внатрешни работи во Тетово, изјави денеска лидерот на движењето „Беса“, Билал Касами.
Тој ги повика и нивните политички опоненти да придонесат за мирен изборен ден и после 8 мај државата, како што рече, да продолжи по евроинтегративниот пат.
Според Касами, околу пет илјади иселеници се пристигнати во земјава за да гласаат на 8 мај за коалицијата „Влен“, а се очекува оваа бројка да достигне до 10.000.
- Имаме информации дека одредени структури на ДУИ испратиле луѓе од Царината и од полицијата на граничниот премин Табановце за да ги отргнат нашите иселеници да гласаат. Ги повикуваме нашите опоменти да придонесат за мирен изборен ден. Нека победи најдобриот, оние што имаат најдобра понуда, а по 8 мај, Македонија да се врати на евроинтеграцискиот пат, рече Касами во изјава за медиумите.
Посочи дека во изборната програма предвидуваат над 100 милиони евра годишно за општините со претежно албанско население кои ќе бидат наменети за подобрување на инфраструктурата и економскиот развој.