Кандидатите за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски на вечерашната завршна дебата пред претседателските избори што ќе се одржат в среда на 8 мај, паралелно со парламентарните избори, ги повикаа граѓаните да излезат и да го искористат своето гласачко право согласно сопственото убедување.
- Последната порака е молба до граѓаните да си го искористат избирачкото право, да не подлегнат на барањата за бојкот. Легитимитетот извира од нив, тие го даваат, тие го земаат. Мислам дека 8 мај е денот кога не само своето активно избирачко право, туку и посветеноста кон Македонија треба да ја докажат. По сопствено уверување нека гласаат за тој што мислат дека е најдобар, рече Силјановска.
Пендаровски посочи дека во изминатите денови во рамки на кампањата, граѓаните ги слушнале програмите и знаат кој за што се залага. Ги повика избирачите да гласаат и на претседателските и на парламентарните избори.
- Ги повикувам да гласаат, да гласаат за двата избора. Не сум приврзаник на ставот дека треба да гласаме на едни, а да бојкотираме други избори. Треба секој кој веќе решил да излезе на гласачко место да ги земе двете ливчиња и да ги стави во гласачките кутии, онака како што мисли. Затоа што потоа многу малку прилики ќе имате да се каете ако не сте излегле на избори, а сте сакале можеби некоја друга политичка опција да добие шанса да ја води државата. Треба да се гласа во што поголем број за двата избора, рече Пендаровски кој се бори за втор мандат за претседател на државата.
Во однос на доделувањето на мандатот на мандатарот на идната влада, и Пендаровски и Силјановска-Давкова истакнаа дека треба да го добие оној кој ќе освои најмногу гласови и кој ќе докаже дека има мнозинство.
- Логично е тој што има најмногу пратеници да има поголема шанса да направи влада, меѓутоа потребен е доказ и јас тука ќе си се држам до Уставот, иако Уставот е тука непотполни и непрецизен, рече Силјановска.
Пендаровски посочи дека постои можност, не затоа што, вели, Уставот е непрецизен во тој дел, но можно е и по автоматизам да го дадете ако било која партија или коалиција има 61, 62, 63 пратеника. Но, негов прв принцип, вели, ќе биде да се води до оној кој има најголем број пратенички мандати и кој со таа бројка е најблизок до 61.
Мандатот на Пендаровски како актуелен претседател истекува в недела на 12 мај.