Во четирите општини од кочанскиот регион се пријавиле уште 164 болни и изнемоштени граѓани кои побарале своето гласачко право да го остварат во домашни услови. Тоа е зголемување од над 40 отсто во споредба со пријавените за првиот круг на претседателските избори, односно вкупниот број сега изнесува 436 лица.
Најголем број пријави биле доставени до Општинската изборна комисија во Кочани, но по разгледувањето на документацијата дел од нив биле одбиени.
- Во законскиот рок ни беа доставени уште 87 пријави, но комисијата утврди дека 11 од нив не ги исполнуваат условите. Кај една пријава е констатирано дека лицето не е запишано во избирачкиот список, за што има поднесено приговор, и ако добиеме позитивен одговор тоа ќе може да го оствари правото да гласа. Заедно со пријавените од првиот круг на претседателските избори, на територијата на општина Кочани има вкупно 245 болни и изнемоштени кои ќе гласаат во домашни услови, истакна Билјана Димовска Гичева, претседателка на Општинската изборна комисија – Кочани.
До Општинската изборна комисија во Виница се доставени уште 38 пријави и сите се прифатени, со што вкупно 99 лица ќе гласат во домашни услови.
Во процентуален износ најголем број новопријавени лица во однос на гласањето од пред две недели има во општина Зрновци. Порастот е за двојно поголем, односно ќе гласаат вкупно 22 болни и изнемоштени.
Во Општинската изборна комисија во Чешиново-Облешево добиле уште 39 пријави и вкупниот број сега изнесува 69 лица, за кои е констатирано дека ги исполнуваат условите за гласање во домашни услови