Изборниот ден од вториот круг на седмите по ред претседателски, како и 11. парламентарни избори, во општините Дебар и Центар Жупа, минува во фер и демократска атмосфера, со зголемена излезност попладнево, потврдуваат од општинските изборни комисии.

И граѓаните кои ги затекнавме на избрачките места задоволни се од текот на гласањето, велат се е добро организирано и оти гласањето е демократско право и секој треба да го оствари.

Инаку, според ОИК, во општина Дебар, до 15 часот правото на глас за претседателските избори го оствариле 15 отсто што е за 7 отсто помала излезност споредено со првиот круг на гласање, кога излезноста беше 22 отсто. На парламентарните избори излезноста е 23 отсто.

Во општина Центар Жупа, потврдуваат од ОИК, за претседателските избори гласале 1.014 лица или 13,74 отсто од вкупно запишаните 7.368, што споредено со првиот круг од претседателските избори процентот на излезност е речиси на исто нив, кога тој изнесувал 13,11 отсто, додека на парламентарните гласале 1005 гласачи или 13,64 отсто од вкупно 7.383 гласачи.

Членови на комисиите редовно се во обиколка на избирачките места, кои во текот на денов беа посетени и од претставници на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДХИР.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2024 16:29