Вториот круг од претседателските и парламентарните избори што се одржуваат денеска во Северна Македонија би можеле да имаат клучно влијание врз надежите на оваа балканска земја за членство во Европската Унија, оценуваат белгиските медиуми во вестите поврзани со изборите во земјава.

Белгискиот јавен радиодифузен сервис на француски јазик РТБФ наведува дека „враќањето на власт на десничарската опозиција“, би можело да ги обнови тензиите со соседните Грција и Бугарија, особено со Софија која постави свои услови за напредок на Северна Македонија во пристапните преговори.

- Десничарската националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат Гордана Силјановска-Давкова имаше голема предност во првиот круг од претседателските избори на 24 април, е на добар пат за победа и во вториот круг, но и на парламентарните избори, наведува РТБФ.

Според телевизијата, партискиот лидер Христијан Мицкоски одбива да го признае новото име на земјата - Северна Македонија, утврдено со „историскиот договор потпишан во 2018 година со Грција за ставање крај на долготрајниот спор меѓу Скопје и Атина“.

- Тој, исто така, вети дека ќе покаже цврст став во ќор-сокакот меѓу Скопје и Софија, која во изминатите две години ги блокираа преговорите за влез на Северна Македонија во Европската Унија, додава белгискиот франкофонски радиодифузер.

РТБФ оценува дека откако го презеде раководењето со ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година, Мицкоски ја обнови партијата „потресена по бегството на нејзиниот поранешен лидер и екс-премиер Никола Груевски, обвинет за корупција, кој доби азил во Унгарија на Виктор Орбан“. Според телевизијата, Мицкоски вети и дека приоритет ќе стави на економијата и на отворањето десетици илјади работни места, пораки „што се чувствителни за многу гласачи во оваа сиромашна земја погодена од галопирачка инфлација“.

Бриселскиот портал „Политико“, пак, оценува дека „претстојната промена на власта во Северна Македонија“ ризикува да ги заживее тензиите со Бугарија и Грција, „дополнително усложнувајќи го веќе и онака трнливиот пат на земјата кон членство во ЕУ“.

Во текстот посветен на изборите се потсетува дека во 2018 година земјата се согласи на промена на името со Договорот од Преспа во замена за старт на преговори со ЕУ и членство во НАТО, но дека оттогаш „граѓаните на Северна Македонија станаа се пофрустрирани од бавноста на процесот на пристапување, а јавната поддршка за ЕУ нагло опадна“.

Според „Политико“, анкетите покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ води и се очекува да ја замени „социјалистичката партија СДСМ“, која управува со земјата од 2017 година, иако ќе и биде потребна коалиција.

- Изборите се чини дека ќе донесат нова администрација предводена од партијата ВМРО-ДПМНЕ, која зазема конфронтирачки пристап и со Софија и со Атина, кои ќе треба да се согласат со приемот на Скопје во ЕУ. Збунувајќи ја бугарската страна, ВМРО-ДПМНЕ го отфрла барањето на Софија за уставни измени со кои се признава бугарското малцинство, додава порталот, потсетувајќи дека Бугарија во јуни се подготвува за уште едни општи избори, шести од април 2021 година, и постои ризик Северна Македонија стане политички полигон во изборната реторика, особено во националистичкиот табор.

Од друга страна, смета „Политико“, Грците се повеќе се приспособуваат на фактот дека фаворитот за премиер на ВМРО-ДПМНЕ ја нарекува земјата „Македонија“ наместо „Северна Македонија“, што повторно ги разгорува старите тензии со Грција за „употребата на името на татковината на Александар Македонски“. Но, експертот за балканска историја Атанасиос Лупас смета дека тензиите ќе се смират по изборите, истакнувајќи дека на крајот ВМРО „нема да ја жртвува европската перспектива на земјата на олтарот на нејзината националистичка реторика“. - Оваа реторика секако ќе биде загрижувачка за грчкото јавно мислење во наредниот период, но повеќе ќе биде шоу и за внатрешна употреба, а не за суштински прашања, вели Лупас за „Политико“.

Под наслов „Избори во Северна Македонија: Младите се уште ја чекаат Европската Унија“, весникот „Соар“ посочува дека по денешните избори се очекува на власт во земјата да се врати „националистичката десничарска партија“ ВМРО-ДПМНЕ.

Весникот посочува дека изборите се одржуваат во време кога „земјата без излез на море“ чека пред вратата на Европската Унија.

- Иако ЕУ веќе не ја тера да сонува по неа, македонската младина се уште ја одржува надежта за идно членство, наведува „Соар“.

„Еурактив“ во својот текст посветен на гласањето наведува дека по денешните избори кои се очекува на власт во земјата да ја вратат „националистичката опозиција“, се чини оти Северна Македонија е на пат на судир со нејзините соседи од ЕУ, Грција и Бугарија. - Изборите би можеле да имаат огромен ефект врз надежите на борбената балканска нација да стане членка на Европската Унија, наведува порталот.

Според бриселското електронско издание, доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да обезбеди мнозинство во Парламентот, шефот на партијата Христијан Мицкоски сигурно ќе биде следниот премиер.

- Мицкоски одбива да го признае новото име на земјата и договорот потпишан со Грција во 2018 година – со кој се додаде „Северна“ во нејзиното име за да се реши долгогодишниот спор. Тој, исто така, вети дека ќе застане цврсто во спорот со Бугарија, поради кој Софија ги блокираше преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ во последните две години, оценува „Еуроактив“.

Порталот додава дека во пресрет на денешното гласањето Мицкоски употребуваше се пожестоки зборови против најголемата партија на Албанците во земјата – ДУИ, поттикнувајќи стравувања дека таквата реторика може да ги наруши кревките меѓуетнички односи.

- Владејачката СДСМ предупреди дека гласовите ќе одлучат дали Македонија има иднина во ЕУ, но се мачи да ја поврати иницијативата по поразот во првиот круг на претседателските избори. СДСМ ја врза својата политичка иднина на ветувањата дека раководството на партијата е од витално значење за отклучување на разговорите со ЕУ и за смирување со Бугарија, додава „Еурактив“.

Порталот оценува дека политичките препукувања и раздвижувањето на етничките тензии, сепак, се чини дека не допреа до многу гласачи кои се надеваат на попросперитетна иднина, пренесувајќи изјава на 42-годишн менаџерка која вели дека сака „следните лидери на земјата да создадат услови за младите луѓе да добијат еднакви и подобри шанси за напредок“.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2024 18:58