Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски вечерва на прес-конференција оцени дека денешните двојни избори - вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори биле фер и демократски и дека успешно и професионално се спроведени.

- Еднакво право на глас е дадено на сите граѓани. Тие гласаа по сопствена волја, истакна Даштевски, заблагодарувајќи им се на сите изборни органи за нивната работа, на медиумите за позитивното известување, како и до сите учесници во изборите.

Според него, и денеска се потврдиле оценките на меѓународните и на домашните организации за беспрекорно организирани избори во услови кога се спроведуваат два вида избори.

Даштевски соопшти дека постигнат е цензусот за претседателските избори. Така, до 18:30 часот од обработени податоци од 3.186 избирачки места одѕивот е 46,31 отсто, а на гласање излегле 767. 715. Најголема излезност има во Новаци 72,76 отсто, а најмала во Липково 7, 35.

Одѕивот на парламентарните избори е 53,30 отсто од обработени 3.186 отсто од гласовите односно на гласање излегле 887.767 граѓани. Најголема излезност има во Новаци 74,85 отсто, а најмала во Центар Жупа 18,62 отсто.

Излезноста во Првата изборна единица е 59,32 отсто, во Втората 52,39, во Третата 57, 77 отсто, во Четвртата 58,36 отсто, во Петата 50, 91 и во Шестата изборна единица 40, 40 отсто.

Во текот на денот биле поднесени 490 приговори за избирачко право, од нив 263 се усвоени, 33 се отфрлени, 88 се одбиени, а другите се во обработка.

Гласањето, како што соопшти Даштевски, ќе биде продолжено во избирачко место во Зелениково, во Гази Баба, во Центар и во Кочани.

Се очекува ДИК да излезе со првични неофицијални резултати од изборите најдоцна до 23:30 часот



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2024 20:26