На 99,5% преброени гласови од страна на државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на парламентарните избори. Во апсолутен број идната владечка партија освои 431.052 гласови наспроти 153.179 глас за СДСМ. Интересно, досегата партија на власт има само околу 15.000 гласови повеќе од ДУИ. Тие се на третото место според број на гласови со освоени 137.483, додека на четврто место е албанската опозиција ВЛЕН со 106.990 гласови. Левица го подобри својот резултат од претседателските избори и освои 67.326 гласови, додека Максим Димитриевски за разлика од првиот круг претседателски избори оствари послаб резултат и освои 55.523 гласови. Разочарувачки резултати забележаа и партиите на Стевчо Јакимовски и Данела Арсовска, едните освојувајќи 4.543 гласови додека само 3.438 гласачи ја дале поддршката за актуелната градоначалничка на Скопје која мандатот го доби со подршка од ВМРО-ДПМНЕ. Арсовска во изборната единица 1 каде што беше носителка доби само 1.571 глас.
Изразено во мандати, ВМРО-ДПМНЕ е со освоени 58 пратеници, СДСМ ќе биде застапен во парламентот со 18 пратеници и со послаб резултат од нивниот досегашен коалиционен партнер ДУИ кој доби 19 пратеници. ВЛЕН ќе има 13 пратеници, додека и Левица и ЗНАМ ќе можат да формираат пратеничка група бидејќи добија по 6 пратеници.
По изборни единици, во изборната единица 1, ВМРО-ДПМНЕ освои 10 мандати, СДСМ 3, ДУИ 2, Левица 2, ВЛЕН 2 и ЗНАМ 1. Интересно е што од листата на пратеници во оваа изборна единица, пратенички мандати не добија Бојан Маричиќ, Милена Стевановиќ и Маја Морачанин, која си поднесе оставка од позицијата претседател на ДОМ.
Во ИЕ2, поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски доживеа тежок дебакл освојувајќи само 2 мандати. И ДУИ и ВЛЕН имаат повеќе пратеници од СДСМ во оваа изборна единица односно 4 и 3. Партијата на Максим Димитриевски освои исто колку и СДСМ, односно двајца пратеници, додека Левица еден. Апсолутен победник во оваа изборна единица е ВМРО-ДПМНЕ со освоени 8 мандати.
14 пратеници доби ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 3, четири СДСМ а по еден мандат ќе поделат Левица и ЗНАМ. Од оваа изборна единица, пратеник повеќе нема да биде членот на ВМРО-Народна Љупчо Балковски.
Во ИЕ 4, резултатот е сличен како во ИЕ 3, односно ВМРО-ДПМНЕ освои 13 мандати, СДСМ 5, а Левица и ЗНАМ добија по еден пратеник. Од оваа изборна единца, во парламентот се враќа Весна Бендевска поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, овој пат со „дрес“ на ЗНАМ.
И во ИЕ 5 убедлив победник е ВМРО-ДПМНЕ со освоени 10 мандати, додека ВЛЕН, ЗНАМ и Левица добија по еден. СДСМ засега има 3 пратеници, додека ДУИ има 4.
Во ИЕ 6, ДУИ победи со околу 6.000 гласа повеќе од ВЛЕН и доби 9 пратеници наспроти 7 за албанската опозиција. 3 пратеници освои ВМРО-ДПМНЕ а само 1 доби СДСМ.