Претседателот на Собранието Јован Митрески ќе ја закаже седницата за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова откако ќе го добие извештајот од ДИК за конечните резултати од вчерашниот втор круг претседателски избори, информираат од кабинетот на спикерот на Парламентот.

Крајниот рок до кога ДИК треба да го достави извештајот е до петок во 19 часот.

Откако ќе го добие извештајот, Митрески ќе ја закаже инаугуративната седница, која ќе се одржи на 12.05 (недела) во 12 часот.

Гордана Сиљановска Давкова пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат.

На 12 мај истекува мандатот на актуелниот претседател кој беше и кандидат за претседател, Стево Пендаровски.

По инаугурацијата на Сиљановска Давкова, согласно новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај.

Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.

Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на државата, пак, е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според првичните резултати од вчерашните парламентарни избори што Државната изборна комисија ги објави на својата веб-страница, од обработени над 99,27 проценти од гласовите, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати во новиот 120 член собраниски состав, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ ќе има 18 пратеници, Европски фронт на ДУИ 19 пратеници, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ 13, а Левица и и ЗНАМ по шест.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2024 14:07