До Управниот суд до денеска до 11 часот е пристигната една тужба против одлуката на Државната изборна комисија од Коалицијата Влен за Парламентарните избори 2024. Тужбата, според информации на МИА, се однесува на одлуката на ДИК за гласањето во долна Бањица, гостиварско. Претпладнево тужба против одлуката на ДИК ќе биде упатена до Управниот суд и од ДУИ за сите седум места каде што е поништено гласањето.

На веб - страната на Управниот суд е објавено дека ја известува јавноста дека синоќа во 22:33 часот, по поднесена тужба од Коалиција Влен на Парламентарните избори 2024 против Одлука на Државна Изборна Комисија УП1 бр.10-14 од 14.05.2024 година, оформен е предмет УРП.бр.86/2024. По поднесената тужба, Управниот суд ги презема сите процесни дејствија согласно роковите определени во Изборниот законик. Крајниот рок за овој предмет истекува на полноќ.

Државната изборна комисија ќе ги чека решенијата на Управниот суд, но исто така утре ќе треба да почне да се подготвува за прегласувањето што треба да се одржи во среда на 22 мај.

До ДИК беа поднесени 27 жалби за гласањето на парламентарните избори, но дел од нив беа групни. Оттаму посочуваат дека тие внимателно ги разгледувале сите приговори, а усвоиле само седум односно таму каде што има основи и каде што е евидентно дека податоците во доверливиот материјал не се согласуваат со податоците од записникот, а тоа е во избирачките места Желино, Струга, Охрид и по две во Доленени и Крушево.

Членовите на ДИК за еден од приговорите одлуката ја донесоа едногласно, додека за сите останати имаше шест гласа „за“, а еден „против“.

Во однос на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој беше претседателски кандидат на ДУИ и портпарол на партијата, од ДИК посочуваат дека не сакаат да коментираат политички изјави, но велат дека таа е неоснована.

Откако беше поништено гласањето во шест избирачки места во ИЕ5 и едно во ИЕ 6 и стана јасно дека се загрозени два мандати на ДУИ, Османи на средба со неколку амбасадори вчера реагираше на работата на Државната изборна комисија.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2024 17:41