Со одржување на низа настани во Домот на култура Илинден започна традиционалната 25-та манифестација Денови на културата во општина Илинден”.

За прв пат во Општина Илинден но и како новина во содржините на манифестацијата е кино проекција на македонскиот игран филм „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ, која беше прикажана 14 мај во кино салата на Домот на Култура „Илинден“.

Во духот на соработката и пријателство меѓу Општина Илинден и ДПМ, се одржаа повеќе настани. Трибината под наслов „Современата македонска литература и нејзината перцепција (читањето, критиката, медиумите) “ на којашто учествуваа еминентни писатели и литературни критичари: проф. д-р Христо Петрески, Претседател на ДПМ, Ефтим Клетников, проф. д-р Гоце Ристовски. Трибината отвори серија важни прашања за кои писателите, интелектуалците како авангарда на општеството изнесоа свои ставови.

Во рамки на манифестацијата се одржа креативна работилница „Гатанките, поговорките, и пословиците во македонската литература за деца” со учество проф. д-р Александар Прокопиев, писатели на ДПМ и ученици од основните општински училишта од општина Илинден. На големо задоволство на учениците се одржа и традиционалното Литературно матине за деца ,,Пролетно поетско будење на Илинден”, на кое учествуваа истакнатите македонски писатели за деца и млади, како Горјан Петрески, Ели Маказлиева, Мито Спасовски, Перо Миленковски, Васил Мукаетов, Ефтим Клетников како и Мишо Китановски.

По повод Меѓународната Литературна манифестација Општина Илинден распиша литературен награден конкурс на тема ,,Татковина” за учениците од општинските основни училишта, пришто на Литературното матине за деца беа прочитани и наградените песни, а на учениците градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски им доделени пригодни награди.

Дел од манифестацијата беше и отворањето на ликовна изложба на еминентниот ликовен уметник Владимир Темков, каде љубителите на ликовната уметност имаат можност да погледнат околу 40-тина уметнички дела кои го красат просторот, на Домот на култура Илинден, а се изработени од последната едиција на уметникот за 2023/2024 година – житните полиња и птици.

Изложбата ја отвори градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, а за уметникот и неговото уметничко творештво говореа академскиот уметник Новица Трајковски, проф. д-р Кирил Темков. По завршувањето на изложбата се одржа настам на Ансамблот за народни песни и игри ,,Илинден”, КУД „Гоце Марковски“ како и музички настап на млади музичари од Општина Илинден.

Централниот настан на манифестацијата, поетската вечер ,,Интимно соѕвездие” посветена на современата македонска љубовна поезија ќе се одржи денес 16 мај, со почеток во 19.00 часот, а ќе настапат повеќемина реномирани македонски поети. Свој настап ќе има и прекрасното музичко трио „Trinity Strings“.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2024 00:00