Управниот суд на јавна седница денеска расправаше по тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија" за избирачкото место 1194 во Општина Крушево на Парламентарните избори 2024.
Застапникот на тужителот, Коалицијата „Европски фронт“, Ејуп Рустеми, посочи дека се оспорува решението на ДИК за прифаќање на приговорот за поништувње на гласањето на ИМ 1194 на Коалицијата „Твоја Македонија".
- Решението на ДИК е нејасно. Сумираниот износ на искористени гласачки ливчиња е нејасно како ДИК дошле до збирот од 377 гласачи, без притоа да се земе предвид бројот од 359 потпишани гласачи во избирачкиот список. Бројот од 17 болни и изнемоштени не треба да се додава во дел IV од записникот, бидејќи тие се веќе вброени во статистичкиот податок и се добива дупла бројка. Според Изборниот законик погрешно пополнување на записник не е основ за поништување на гласањето, изјави Рустеми.
Дополнителни, посочи Рустеми, во записникот нема заведено забелешки за евентуални неправилности.
Претставникот на ДИК, Катерина Василевска нагласи дека остануваат во целост на наводите од решението и одговорот на тужбата и предлагаат таа да се одбие како неоснована.
- ДИК постапи во законскиот рок и донесе одлука. По увидот во целосниот изборен материјал ДИК утврди дека бројот на идентификувани гласачи не се совпаѓа со бројот на потпишани гласачи во избирачкиот список и не соодветствува со бројот на искористени гласачки ливчиња на гласачкото место, нагласи Василевска.
Судот го прифати барањето на тужителот да се изврши увид во избирачкиот материјал на ИМ 1194 во Крушево, при што констатираше дека искористени се вкупно 359 гласачки ливчиња, а неискористени се 110 од кои три се откинати од кочанот, но уредно поништени. Во избирачкиот список потпишани се 354 лица и 2 со отпечаток од прст. Во посебен избирачки извод од девет лица, гласале две. Во белешките е наведено дека едно лице гласало со решение од ДИК по поднесен приговор дека го нема во избирачкиот список, но тоа за него беше наведено дека нема посебен образец кој се пополнува дека гласал во ваков случај.
Правниот застапник на Коалицијата „Европски фронт“, во завршен збор го повика судот да го прифати нивниот предлог и порача дека со увидот во избирачкиот материјал во целост се утврдило дека не е исполнет ниту еден од условите за поништување на гласањето.
- Бројот од 359 гласачи кои гласале се идентични утврдени во извештајот и во табеларниот приказ, како и во дел 6 од записникот за сумирање резултати. Од увидот произлезе дека се искористени 359 гласачки ливчиња што подразбира целосно усогласување на податоците за избирачи кои гласале и бројот на искористени гласачки ливчиња денеска преброени, рече застапникот на Коалицијата „Европски фронт“.
Од ДИК по увидот и пребројувањето на материјалот нагласија дека остануваат во целост на одговорот на тужбата и решението.
- Со увидот се констатираше повреди во работењето на избирачкиот одбор што е основ за поништување на гласањето во ова избирачко место. Со оглед дека има преброено 359 искористени гласачки ливчиња, а се преброени 358 потписи во избирачкиот список, тоа е дополнителен основ за повторување на гласањето. Дополнително бројот на отпечатоци од прст од идентификувани гласачи не се совпаѓа со бројот на искористени гласачки ливчиња, нагласи Василевска.
Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024. За сите се оформени предмети и закажани во текот на денешниот ден.
ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Од вкупно 27 поднесени приговори - девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.
Во Изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.
Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати, по што следуваат Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 18, Коалицијата „Вреди“ со 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.