Управниот суд денеска ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија" за избирачкото место 1202 во Крушево на парламентарните избори 2024 година.

Ова е трета одбиена тужба, по претходните две денешни одлуки на Управен со кои ги одби како неосновани тужбите за избирачкото место 1194 во Општина Крушево и избирачкото место 1470 во Долнени.

Во тек се јавните расправи за избирачкото место 2101 во Желино и 1844 во Струга.

Во 20:30 часот треба да започне јавната расправа по тужбата за избирачкото место 1272 во Охрид, а во 22:30 за избирачкото место 1470/1 во Долнени.

Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024. За сите беа оформени предмети и закажани јавни расправи во текот на денешниот ден.

ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Од вкупно 27 поднесени приговори - девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.

Во Изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати, по што следуваат Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 18, Коалицијата „Вреди“ со 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/05/2024 04:15