Кај фонтаната „Лотус” во Градски парк утрово е поставена макета - конструкција на јавен тоалет. Се работи за герила акција на уметникот Озбек Ајваз која треба да укаже на проблемот со јавните тоалети во градот.
Делото на Ајваз е направено во соработка со архитектката Натали Велеска. Со ова последна акција, Ајваз и Велеска скааат да прикажат предлог решение за тоалет кој би бил изведен од метална конструкција, обложен со дрвени панели. Неговите димензии би биле минимални, 150 X 250 X 250 сантиметри, за што поекономично производство и натамошно одржување.
Според макетата, би имало можност на кровот од тоалетот да се постават соларни панели, но и да има извор на природна вентилација и светло. Екстериерот би имал зелени ѕидови (вертикално поставени растенија), кои би служеле како разубавување на градот, а би се наводнувале преку поставениот дождовник од кровот на тоалетот.
Од страната на макетата е прикажана мапа на Скопје, со означени локации каде би биле неопходни највеќе тоалети за главниот град и општините.