Противпожарната бригада на Град Скопје, денеска го одбележа Денот на македонските пожарникари, каде свои обраќања имаа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како и командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Ѕвонко Томевски.
Арсовска во своето обраќање посочи дека условите во кои работат пожарникарите не се на највисоко ниво и упати апел до новата Влада која што ќе биде формирана, да направи промена на условите со кои се исплаќаат пожарникарите, односно со нов пропис да ги отстрани бодовите кои ги ограничуваат средствата што можат да ги добиваат како надомест за нивната работа.
– Нашите пожарникари треба да имаат промена во условите од кои што можат да бидат платени. Тие се лимитирани и средствата кои што ги добиваат како надомест за нивната работа се навистина ниски. Тоа го утврдува законот и за жал, ние како локална самоуправа не можеме да одиме над тоа кое што е утврдено со законските рамки. Затоа апелот е, лимитираните услови кои со нивните бодови ги ограничуваат, да бидат меѓу првите нешта кои што ќе бидат отстранети со нов пропис, рече Арсовска.
Пожарникарите од скопската протипожарна бригада, вели Арсовска, поради бирократски процедури петнаесет години не може да им се овозможи добивање на нови униформи, затоа, побара од централната власт усогласување на критериумите за аплицирање на опрема со меѓународните стандарди.
– Единствениот критериум за аплицирање на каков и да е тип на опрема што им е потребна, да бидат меѓународните стандарди. Петнаесет години поради бирократски процедури да не им се овозможи на овие луѓе, да може соодветно да бидат опремени и да работат, навистина сметам дека е нешто кое што не би смеело да се дозволи. Затоа уште еден апел до централната власт, иако две години говориме за ова, се надеваме дека ќе бидат меѓу првите прописи кои што ќе бидат поништени или кои што ќе бидат променети, рече Арсовска.
пожарникариПожарникари од Противпожарната бригада на Град Скопје на одбележување на Денот на македонските пожарникари - 20 мај Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Томевски во своето обраќање укажа на предизвиците со кои се соочуваат пожарникарите и упати благодарност до нив за нивната работа во услови кои не се на највисоко ниво.
– Бригадата за противпожарна заштита брои 180 пожарникари, за жал од предвидените 384 пожарникари кои секојдневно ги завршуваат своите работни задачи и одговараат на потребите на граѓаните на Град Скопје. Во периодот од минатогодишното одбележување на 20 мај до денес, Бригадата за протипожарна заштита бележи над 2000 интервенции кои беа успешно реализирани, благодарение на пожртвуваноста на вработените. Сакам да им се заблагодарам на моите колеги и колешки кои иако работат во услови на недоволна пополнетост, како и недоволна опременост, бележат успеси на своите работни задачи, истакна Томевски