Руската војска денеска соопшти дека во близина на Украина почнала вежби за употреба на тактичко нуклеарно оружје, кои ги наредил претседателот Владимир Путин на почетокот на мај, нагласувајќи дека тоа е одговор на западните „закани“.

„Започна првата фаза од вежбите за подготовка и употреба на нестратешко нуклеарно оружје“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Како што е наведено, маневрите се одвиваат во Јужниот воен округ, кој се наоѓа во близина на Украина и кој ги опфаќа украинските области припоени од Москва.

Во оваа фаза, руските војници вежбаат полнење „специјална муниција“ во батериите на ракетите „Искандер“, како и нивно „прикриено“ поместување во зоните на гаѓање.

Вежбите вклучуваат авијација и хиперсонични ракети Кинжал, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана, пренесува „Известија“



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2024 04:13