Милитантната терористичка група Хамас ја поздрави одлуката на Шпанија, Норвешка и Ирска да ја признаат независната палестинска држава.

Висок функционер на Хамас, Басем Наим, за АФП изјавил дека зад овој потег стои „храбриот отпор на палестинскиот народ“, пренесе Би-Би-Си.

- Овие последователни признавања се директен резултат на храбриот отпор и легендарната непоколебливост на палестинскиот народ. Веруваме дека ова ќе биде пресвртница во меѓународниот став за палестинското прашање, рече Наим.

Одлуката на трите европски земји ја поздрави и палестинското Министерство за надворешни работи, со седиште на Западниот Брег.

- Министерството за надворешни работи ги поздравува одлуките на Шпанија, Норвешка и Ирска. Овие земји уште еднаш ја покажаа својата непоколеблива посветеност на решението за две држави и донесување на долгоочекуваната правда за палестинскиот народ, соопшти Министерството.

- Понатаму, признавањата на Шпанија, Норвешка и Ирска се во согласност со меѓународното право и со сите релевантни резолуции на Обединетите нации, што пак позитивно ќе придонесе за сите меѓународни напори насочени кон ставање крај на илегалната окупација на Израел и постигнување мир и стабилност во регионот, стои во соопштението.

Ирска, Шпанија и Норвешка денеска соопштија дека ќе ја признаат палестинската држава.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2024 00:18