Република Северна Македонија треба да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа со тоа што ќе ги исполни сите барања што ѝ ги поставува ЕУ, исто како што било за секоја земја членка, изјави бугарскиот претседател Румен Радев пред новинарите во Рим, пренесува БТА.

- Мојата порака до претседателот на Република Северна Македонија е дека Бугарија час поскоро очекува промена на реториката и конечно да престане со јазикот на омразата, изјави Радев.

Според Радев, поради набиената програма организирана до минута, бугарската делегација не можела да се сретне со делегацијата на Република Северна Македонија, која престојува во Рим и е предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

- Позитивен знак е што претседателот на Република Северна Македонија покажал желба за ваква средба, одговорил Радев на прашањето дали е побарана средба меѓу него и Сиљановска-Давкова во Рим.

Очекувам, нагласил Радев, дека таква средба ќе има наскоро. Прашан дали ја кани Сиљановска-Давкова во Бугарија, Радев одговорил „Ја поканувам, секако“.

- Сметам дека желбата на Република Северна Македонија за дијалог е позитивен знак. Само преку дијалог ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба, ќе ги решиме сите спорни прашања и ќе ја отвориме вратата на РСМ кон ЕУ. Се надевам и мој апел е дека оваа средба ќе се случи час поскоро. На ред е претседателот на РСМ, ако не се лажам, да дојде во Бугарија, изјавил Радев.

Претседаелка Гордана Сиљановска Давкова ја предводи државно-црковната делегација во Рим и Ватикан во рамки на чествувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.Ова е нејзина прва посета во странство по преземањето на функцијата на 12 мај.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2024 16:31