Имињата на повеќе можни кандидати, според пишувањата во медиумите, се во игра за лидерската позиција во СДСМ откако Димитар Ковачевски вчера официјално поднесе оставка на функцијата по поразот на партијата на претседателските и на парламентарните избори.

Актуелниот директор на Царинската управа Стефан Богоев на прашањето дали ќе се кандидира за претседател на партијата, во изјава за МИА вели дека се уште не одлучил.

- Не, не сум донел одлука се уште дали ќе се кандидирам, вели Богоев.

Јован Деспотовски, кој е прв човек во Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, на гостување во Телевизија 24, прашан дали планира да се кандидира на позицијата претседател на СДСМ, како што тоа го сторил на внатрепартиските избори пред три години, вели дека размислува во таа насока.

- Јас веќе чекорот го направив пред три години. Кога сметав дека партијата не оди во добар правец понудив алтернатива. Истото ќе го направам и сега. Дали тоа ќе го формализирам преку кандидатура, повторно ќе кажам, не е време за лични амбиции и за реализирање на нечија желба од детството, вели Деспотовски.

За кандидатура за лидерската позиција, како што објавија дел од медиумите, размислува и актуелната министерка за одбрана Славјанка Петровска.

- Размислувам да се кандидирам за претседателка на СДСМ, но конечната одлука ќе ја донесам откако ќе биде започната постапката, изјави на почетокот од неделава за „Фокус“.

Во дел од медиумите се спомнуваат и имињата на Оливер Спасовски и Венко Филипче.

Извршниот одбор на СДСМ на вчерашната седница ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на јуни во транспарентна и демократска постапка.

- Бидејќи избраната Централната изборна комисија согласно Статутот се уште има мандат, во истиот состав ќе ја спроведе постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ. Извршниот одбор ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на месец јуни во транспарентна и демократска постапка, информираа денеска од СДСМ.

Димитар Ковачевски на седницата го потврдил повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и иницирал свикување отчетен Конгрес.

- Членовите на Извршниот одбор, како и членовите на раководството на СДСМ, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациониот секретар, секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите. Воедно, согласно поднесените оставки се повикуваат и членовите на Централниот одбор да го следат примерот како морален чин на одговорност, се вели во соопштението.

Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, како што информираат од партијата, сите претседатели на Општински организации и претседателот на Градската организација се во оставка со оглед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови.

Досега, на чело на партијата беа Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска и Зоран Заев.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2024 16:57