Собранието на Косово на денешната седница, на чиј дневен ред се повеќе меѓународни договори, го усвои Нацрт-законот за ратификување на Договорот меѓу Косово и Северна Македонија за кофинансирање на изработката на Проектот за изградба на тунел на патот Тетово-Призрен, јави дописникот на МИА од Приштина.
Договорот е усвоен со 82 гласа „за“, од 93 пратеници колку што беа во салата, а во гласањето не учествуваа пратениците на опозициската Демократска партија на Косово.
Првично овој договор беше на дневен ред во Собранието минатиот месец, но тогаш владејачката партија не успеа да го обезбеди потребното мнозинство гласови за усвојување на тој, но и на низа други меѓународни документи, поради бојкот од страна на опозицијата.
Договорот за кофинансирање на целиот проект за изградба на патот Тетово-Призрен, Косово и Северна Македонија го потпишаа на 12 јануари годинава во Скопје.
Од косовска страна, документот го потпиша Министерот за инфраструктура, Либурн Алиу, додека од макеоднска страна заменик министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, а присутен беше и министерот Благој Бочварски.
Според договорот, Северна Македонија и Косово се согласни дека финансирањето на проектот за изградба на тунелот на патот Тетово - Призрен ќе биде во пропорционална вредност според должината на тунелот на територијата на секоја страна, додека проектирањето на секој дел и зад тунелот ќе биде финансирано од соодветната страна.