Собранието на Косово го усвои Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Косово и Кралството Данска за користење на поправната установа - затворот во Гњилане заради извршување на казните за затвореници од Данска, јави дописникот на МИА од Приштина.

Договорот не беше изгласан во Собранието на седницата одржана пред една недела, по што во понеделникот Владата повторно го достави до Собранието.

На денешната седница, Договорот беше усвоен со 86 гласа „за“, седум „против“ и ниеден воздржан.

Пратеничката и потпретседателка на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Хикмете Бајрами пред гласањето изјави дека се противи на договорот, затоа што не сака „Косово да стане дестинација за затвори“.

Собранието на Косово денеска, со поддршка на мнозинството опозициски пратеници, изгласа уште неколку меѓународни договори, меѓу кои: Предлог-законот за ратификација на Договорот за признавање на професионалните квалификации за медицински сестри, ветеринарни хирурзи, фармацевти и акушерки во контекст на Договорот за слободна трговија на Централна Европа, Предлог-законот за ратификација на Амандманот на Договорот за основање на Европската банка за обнова и развој и Предлог-законот за ратификација на Договорот за кредит меѓу Република Косово и Развојната банка на Советот на Европа за Проектот „Соодветни социјални станови“.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2024 01:18