На денешната седница на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) беше усвоена Резолуцијата за геноцидот во Сребреница. Од вкупно 170 гласа, 84 беа „за“, 68 беа „воздржани“, а бројот на држави кои гласаа „против“ е 19.
Земјите кои беа против Резолуцијата се: Антигва и Барбуда, Белорусија, Кина, Коморите, Куба, Северна Кореја, Конго, Доминика, Еритреја, Есватини, Гренада, Унгарија, Мали, Науру, Никарагва, Русија, Сао Томе и Принципе, Србија и Сирија.
По усвојувањето на резолуцијата за геноцидот во Сребреница на седницата на Генералното собрание на ОН, се огласи i Амбасадата на САД во БиХ.
„Соединетите Американски Држави со гордост ја коспонзорираа резолуцијата на Генералното собрание на ОН, која беше предложена од Руанда, Германија и Босна и Херцеговина, во чест на сеќавањето на геноцидот во Сребреница од 1995 година и го поздравуваат нејзиното усвојување“, се наведува во реакцијата.
Од Амбасадата велат дека постојаното негирање на геноцидот во Сребреница го прави меѓународното одбележување на настаните од 1995 година уште поважно и поитно. Во резолуцијата се истакнува дека геноцидот се случил во и околу Сребреница во јули 1995 година, што е неспорен факт утврден од страна на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, Меѓународниот суд на правдата и голем број форензички докази.
„Резолуцијата не цели кон ниту една земја членка и не припишува колективна одговорност на ниту една група луѓе. Како што резолуцијата јасно наведува, сите имаме обврска да ги признаеме фактите, да ја подучуваме вистината, да им оддадеме почит на жртвите, да ги поддржуваме тековните напори за пронаоѓање и идентификација на жртвите и да ги гонат сторителите. Овие чекори се неопходни за помирување“, наведоа од Амбасадата на САД на платформата Икс.