Портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано изјави дека ЕУ не е членка на Обединетите нации, поради што не може да го коментира поединечното гласање на земјите-членки на ОН за резолуцијата за геноцидот во Сребреница.

„Значи, не е наше да ги коментираме резолуциите што таму беа изгласани од земјите-членки на ОН. Кога станува збор за резолуцијата за Сребреница, тоа беше резолуција, колку што разбрав, за назначувањето на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница“, рече тој.

Стано нагласи дека ставот на ЕУ за геноцидот во Сребреница е „многу јасен и повторен многу пати“ и дека е содржан во релевантните заклучоци на Европскиот совет.

„ЕУ е многу јасна во врска со тоа дека секоја година отфрламе какво било негирање или релативизирање на она што се случи во Сребреница. Отфрламе и осудуваме секаков вид на фрлање сомнеж на фактот дека се случи геноцид во Сребреница“, рече Стано.

Според него, тоа е факт утврден од меѓународните судови и ЕУ и „не ги прифаќа сите активности насочени кон омаловажување, релативизирање или негирање“ на тој геноцид.

Унгарија беше единствената членка на ЕУ која вчера на Генералното собрание на ОН гласаше против резолуцијата за Сребреница, додека Словачка и Грција беа воздржани од гласање



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2024 23:40