Ако не сега, тогаш кога? Кој е најдобриот момент конечно да ја признаеме палестинската држава, да го следиме примерот на Шпанија, Ирска и Норвешка?, рече лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис за радиото „Кокино“, завршувајќи ја дводневната посета на Палестина, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на грчката опозициска партија истакна дека тоа што се случува во Газа „не е нешто што ние како западен свет, Европа, Грција можеме да го толерираме“, а она што „се сметаше за самоодбрана на Израел од Хамас сега стана крвопролевање, масакр без крај“.
-Уништени се 75 отсто од Газа. Видов многу фотографии и слушнав од надлежните овде со што се соочуваат. Дури и парите што палестинските власти ги испраќаат во Газа се блокирани од израелската Влада. А во исто време, се под голем притисок и на Западниот Брег. И не можеме да дозволиме ова да продолжи. Утрово се случи уште едно крвопролевање. Четириесет деца беа убиени во Рафа по интервенција на Израел. Оваа ситуација повеќе не треба да продолжи, истакна Каселакис.
Додаде дека „Европа мора да има став“ и не може да го следи примерот на Америка, а европскиот став, според лидерот на СИРИЗА, треба да биде во корист на мирот.
-Во моментов има ескалација од страна на Израел, што, според мене, ќе биде многу опасна за стабилноста, која секако не постои во регионот. Но, навистина нема стратегија за излез. Се чини дека нема волја за решение со две држави кога палестинската управа сака тоа да биде модел. Па, како ќе има мир ако нема прекин на огнот? Токму ова треба да го бара Европа. И европските избори треба да испратат порака за мир и за правилата на меѓународното право, додаде Каселакис.
Лидерот на СИРИЗА за време на дводневна посета на Палестина беше во Ерусалим, Витлеем и Рамала, каде, меѓу другото, оствари средби со членовите на Владата на палестинската управа, со претставници на Палестинска ослободителна организација, како и со патријархот Теофил Трети, а го посети и бегалскиот камп Ал Аида во близина на Витлеем.
Каселакис беше придружуван од секретарката на СИРИЗА, надлежните за одбрана и надворешни работи, како и дипломатскиот советник.
Целта на посетата, како што и и самиот изјави од Витлеем беше да се изрази солидарност и поддршка до палестинскиот народ.