Косовкиот државен врв, како и други личности од политичкиот живот во земјата, ја поздравија денешната одлука на Парламентарното собрание на НАТО за унапредување на статусот на Косово од членка-набљудувач во придружна членка, едногласно оценувајќи дека тоа претставува голем напредок кон евроатлантските интеграции, јави дописникот на МИА Приштина.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во објава на платформата „Х“ порача дека по денешната одлука на ПС на НАТО на заседанието во Софија, земјата ќе продолжи со напорите за напредок на патот кон полноправно членство во Алијансата.

Според Османи, денешната одлука „ќе гарантира дека ќе се слушне гласот на нај-про-НАТО нацијата во целиот свет“.

„НАТО е судбината на Косово и оваа одлука ќе гарантира дека ќе се слушне гласот на нај-про-НАТО нацијата во целиот свет. Ќе продолжиме со нашите напори, заедно со нашите сојузници, да напредуваме на нашиот пат кон полноправно членство во НАТО“, напиша Османи.

Спикерот на косовскиот Парламент, Глаук Коњуфца им честита на граѓаните за денешната одлука, нагласувајќи дека „Република Косово е успешна приказна на НАТО, на неговите интереси и цели, а НАТО е судбината на Косово“.

„Одлична одлука на Парламентарното собрание на НАТО, која на Собранието на Република Косово му додели статус на придружна членка во ПС на НАТО. Честитки до сите наши граѓани и благодарност до сите членови на ПС на НАТО, кои со својот глас го оживеаја ова многу важно достигнување!“, напиша Коњуфца на неговата сттраница на Фејсбук.

Тој посебно се заблагодари на делегацијата на Собранието на Косово во ПС на НАТО.

„Максималниот напор и посветеност на оваа делегација беше финализиран со овој успех на Собранието на Република Косово и на нашата држава во целина. Чекорите во овој дух не прават среќни и дополнително ја зголемуваат нашата одговорност и посветеност на мирот и стабилноста, вредностите и заедничките цели“, напиша Коњуфца.

Премиерот Албин Курти го нарече важен чекор добивањето на Косово на статусот на придружна членка на ПС на НАТО, напоменувајќи дека тоа е постигнато „и покрај кампањата на Србија“.

Курти на Фејсбук напиша дека Косово го доби овој статус во пресрет на 25-годишнината од ослободувањето, напоменувајќи дека денешната одлука е донесена во „Софија, престолнината на државата која пред 25 години го отвори својот воздушен простор за авионите на НАТО во кампањата против Србија“.

„Со огромно мнозинство гласови на делегатите од земјите членки на НАТО, Собранието на нашата Република сега има статус на придружна членка во Парламентарното собрание на НАТО. Во пресрет на 25-годишнината од ослободувањето, Софија, престолнината на државата која пред 25 години го отвори својот воздушен простор за авионите на НАТО во кампањата против Србија, денес беше местото каде што направивме важен чекор во евроатлантската интеграцијата, и покрај кампањата на Србија“, рече Курти.

Шефот на косовската Влада изрази благодарност до сојузничките земји „кои со својот глас дадоа поддршка за унапредување на статусот на Косово“.

„Честитки до сите државни функционери кои работеа за ова достигнување, а многу честитки и до граѓаните на Републиката. Благодарност и признание до сите пријатели и партнери кои со својот глас денеска дадоа поддршка за унапредување на статусот на Косово во Парламентарното собрание на НАТО и кои секогаш стојат на страната на Косово“, напиша тој.

Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци порача дека сега Косово е на само чекор од полноправно членство во НАТО, што, според него, „секако ќе влијае на стабилизацијата на Балканот“.

По денешната одлука на ПС на алијансата, напиша Маќедонци на својата страница на Фејсбук, Косово отсега натаму ќе има право да предлага и коментира за кој било процес или документ кој се третира во тоа тело.

„Од денеска, со одлука на Парламентарното собрание на НАТО, Собранието на Република Косово има статус на придружна членка на НАТО. Така, Косово отсега ќе има право да предлага и коментира за кој било процес или документ со кој работи Собранието на НАТО. Со оваа одлука Косово е на само еден чекор од полноправно членство во НАТО, што секако ќе влијае на стабилизација на Балканот“, напиша Маќедонци.

Поранешниот премиер и поранешен командант на вооружените сили на Косово, Агим Чеку, исто така, го нарекува унапредувањето на статусот во ПС на НАТО добра вест за земјата, дури оценувајќи дека членството во алијансата е „поважно отколку во Европската Унија“.

(иа)

„Членството во НАТО е многу потежинско од членството во ЕУ, затоа треба повеќе да се фокусираме на членството во НАТО но и паралелно на членството во ЕУ. Членството во НАТО го гарантира суверенитетот и вечноста на државата Косово“, рече Чеку во изјава за радио Дукаѓини.

Велејќи дека е среќен со оваа вест, Чеку го коментираше и неуспехот на тековните српски напори да го попречи овој процес.

„Несомнено, тоа е добра вест за Косово, бидејќи Косово постепено го зазема своето место во меѓународните организации. Дотолку е подобар овој факт со неуспехот на континуираните напори на Србија да го спречи унапредувањето на статусот на Косово, така што Косово постепено влегува во НАТО, изјави Чеку.

Првиот вицепремиер и главен преговарач на Косово во дијалогот со Србија, Бесник Бислим изјави дека унапредувањето на статусот на косовското Собрание во ПС на НАТО е одлична вест за Косово.

Во реакцијата на платформата „Х“, Бислими рече дека Косово ќе продолжи да работи на постигнувањето полноправно членство и интеграција во таа организација.

„Парламентарното собрание на НАТО денеска гласаше за доделување статус на придружна членка на Косово. Ова е одлична вест за нашиот народ и нашата Република. Ќе продолжиме да работиме кон полноправно членство и интеграција во организацијата“, напиша Бислими.

Парламентарното собрание на НАТО денеска ја одобри препораката за унапредување на статусот на Косово од членка набљудувач во придружна членка.

Мнозинството од земјите-членки гласаа „за“, еден глас беше „против“, а 14 земји беа воздржани, на заседанието на ПС на НАТО што се одржува од 25 до 27 мај во бугарската престолнина, Софија.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2024 05:06