Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека полицијата ги идентификувала двајцата напаѓачи на Ѓ. Мијатовиќ, братот на потпретседателот на Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина, кој беше претепан и убиен завчера во Белград, од кои еден од нив Ф.Б.(16) е уапсен, додека вториот малолетник Н. З (17) сам се предал на полицијата, јави дописникот на МИА од Белград.

Малолетниците се осомничени за кривично дело тешко убиство. Ф. Б денеска беше на распит во Вишото јавно обвинителство, по што му е одреден притвор од 30 дена. И за вториот осомничен малолетник предвиден е распит кај обвинител и притвор.

Како што е потврдено, малолетниците се осомничени дека со неколку удари во главата му нанеле тешки телесни повреди на Мијатовиќ, кој почина неколку часа подоцна.

Како што пренесоа белградските медиуми, синот на Мијатовиќ вчера му се пожалил на својот татко дека во паркот на Вождовац го малтретирале млади луѓе. Мијатовиќ потоа отишол кај нив, а по кратка дискусија тие го нападнале и го претепале.

Тој во тешка состојба бил примен во болница каде им подлегнал на повредите.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2024 14:08