Лидерот на бошњачката Партија за демократска акција (СДА) Бакир Изетбеговиќ денеска беше сослушан во просториите на Агенцијата за истраги и заштита (СИПА) во Сараево по кривичната пријава против него за поттикнување на национална, верска и расна нетрпеливост.
Изетбеговиќ по рочиштето кажа дека во неговите настапи нема апсолутно ништо што може да се поврзе со поттикнување национална и верска омраза, а неговата адвокатка додаде дека побарале интегрален текст од кој, како што наведе, се изведени речениците за кои е поднесена пријавата.
Адвокатката на лидерот на СДА додаде дека нејзиниот клиент нема да се брани со молчење и дека, како што рече, ќе каже што и да мисли, пренесоа федералните медиуми.
По кривичната пријава на претседателот на Хрватската републиканска партија, Славен Рагужа вчера во СИПА беа сослушани и директорот на Меморијалниот центар во Сребреница, Емир Суљагиќ и Реуф Бајровиќ.