За случајот со масовните мејлови со предизборен материјал што Грците кои живеат во странство, без нивна согласност, ги добиле од европратеничката на Нова демократија Ана Мисел Асимакопулу, Управата за заштита на лични податоци на Грција ги казни Министерството за внатрешни работи со 400.000 евра и европратеничката со 40.000 евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Управата соопштија дека по големиот број добиени пријави за мејлови испратени на почетокот на јануари под наслов „100 дена пред европските избори“ од европратеничката Ана Мисел Асимакопулу, случајот бил истражен и констатирано дека податоците на гласачите од странство пријавени за изборите во јуни 2023 година, за кои е надлежно МВР, биле изнесени вон Министерството, со што било прекршена доверливоста на податоците и изречена казната.

Европратеничката од Нова демократија, која е казнета до 40.000 евра, го прекршила основниот принцип на законитост, објективност и транспарентност на обработката на податоци.

На средината на март откако беше откриен случајот со масовни мејлови со предизборен материјал што Грците кои живеат во странство ги добиле од европратеничката на Нова демократија Ана Мисел Асимакопулу, без притоа да постои нивна согласност за споделување на личните податоци, генералниот секретар во Министерство за внатрешни работи на Грција си поднесе оставка, а Асимакопулу соопшти дека нема да се кандидира на евроизборите во јуни.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2024 04:32