Косовскиот премиер Албин Курти се сретна со пратеникот на Германија за Западен Балкан, Мануел Саразин, со кого разговарал за спроведувањето на договорите за мобилност во Берлинскиот процес, вклучително и движењето со лични карти меѓу Косово и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на владината служба за информирање се вели дека Курти и Саразин разговарале и за регионалната соработка и очекувањата од следниот Самит што ќе се одржи во Берлин по повод 10-годишниот јубилеј на Берлинскиот процес.

„Напредокот во имплементацијата на договорите за мобилност во Берлинскиот процес, регионалната соработка и очекувањата од следниот самит што ќе се одржи во Берлин на неговата 10-та годишнина, беа тема на разговор. Премиерот потсети на важноста пред следниот самит да започне имплементацијата на договорот за патување со лични карти меѓу Косово и Босна и Херцеговина, кој го олеснува слободното движење на граѓаните“, се наведува во соопштението.

На средбата со германскиот емисар, Курти нагласил дека на 16 мај во Котор, Црна Гора, „Косово побара Западен Балкан да стане дел од Управата за спречување перење пари (АМЛА) на Европската Унија за да се зголеми финансискиот интегритет и да се зајакне соработката во борбата против финансискиот криминал, барање кое стана дел од заедничкото соопштение објавено во Котор“.

Косовскиот премиер му се заблагодарил на Саразин за неговата улога во јакнењето на односите меѓу Косово и Германија, како и во унапредувањето на регионалната соработка.

„Берлинскиот процес е платформата каде што се обврзуваме на регионална соработка и економска интеграција. Заедничкиот регионален пазар кој произлегува од Берлинскиот процес заедно со Планот за раст се можности за развој на Западен Балкан и забрзување на реформите за членство во Европската Унија. Република Косово е проактивна и придонесува за овој важен процес“, се цитира Курти во владиното соопштение.

Саразин, кој денеска престојува во Приштина, пред да се сретне со Курти беше примен од претседателката на Косово, Вјоса Османи, која, како што беше соопштено, побарала од него поддршка за зачленување на Косово во Советот на Европа, НАТО, Европската унија и во други меѓународни организации.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2024 04:38