Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими специјалниот претставник на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, соопшти нејзиниот кабинет.

На средбата било разговарано за билатералните односи меѓу двете земји, за процесот на македонските евроинтеграции, како и за актуелните состојби во регионот на Западен Балкан низ призма на европските перспективи.

Претседателката Сиљановска Давкова го поздравила интензивниот политички дијалог со Германија, како една од нашите најблиски сојузници и партнери и изразила целосна подготвеност за натамошна успешна соработка во сите области од взаемен интерес.

-Претседателката се заблагодари за принципиелната и гласна поддршка на германските власти на македонските евроинтеграции, за Резолуцијата на германскиот Бундестаг и нивниот севкупен ангажман преку Берлинскиот процес и изрази очекување за натамошна поддршка, потенцирајќи дека проширувањето на Унијата е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион, се вели во денешното соопштение од кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.

Таа ја посочила свесноста за обврските кои произлегуваат од меѓународните договори и истакнала дека „придаваме големо значење на одржувањето на добрососедските односи“, но истовремено ги потенцирала очекувањата на граѓаните дека евроинтегративниот процес ќе биде евалуиран праведно, врз основа на Копенхагенските критериуми.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2024 04:41