Незадоволство на граѓаните од Владата покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „GPO“ за грчката телевизија „Стар“, во кое шест од десет Грци, односно 60,4 отсто велат дека со нивниот глас на европските избори на 9 јуни сакаат да гласаат против Владата, јави дописничката на МИА од Атина.

На прашањето кои теми ќе влијаат врз одлуката за кого ќе гласаат, поскапувањата на цените и економијата се на прво место со 53,4 проценти, потоа се европските прашања (8,2 отсто), безбедноста на граѓаните (7,8 проценти), здравството (7,6 отсто), надворешната политика (6,9 проценти), железничката несреќа кај Темпи (6,5 отсто) итн.

Во однос на распоредот на силите, Нова демократија е прва со 29,5 проценти, СИРИЗА има двојно помал рејтинг и добива 14,4 отсто, ПАСОК е трета со 11,7 проценти, десничарско националната Грчко решение е четврта политичка сила со 7,5 отсто, а Комунистичката партија добива 7,3 проценти.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „GPO“ за грчката телевизија „Стар“ било спроведено од 27 до 29 мај 2024 година со анкетирани 1.200 граѓани со право на глас.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2024 18:09